Во Бургас има паднати покриви, а исто така се откорнати и големи делови од малтерот на блоковите. Силно невреме со грмотевици, придружено со урагански ветрови, го погоди бугарското приморје, а најпогодени се Бургас и Поморје, објавија бугарските медиуми.
Ситуацијата во Бургас е многу комплицирана, бидејќи невремето предизвика сериозни материјални штети -има многу паднати дрвја кои скршиле многу автомобили, уништени се лежалки и чадори на плажите, а под вода е кружниот тек кон Сарафово.
Не се поштедени ниту зградите, каде има паднати покриви, а исто така се откорнати и големи делови од малтерот на блоковите. Во Бургас десетици пожарникари, полицајци и општината беа вклучени во расчистувањето на главните патни артерии во градот, кои беа блокирани поради паднатите гранки и дрвја.
Регионалната канцеларија за заштита од пожари и заштита на населението во Бургас досега добила над 50 пријави за откорнати покриви и паднати дрвја. Општина Поморје прогласи делумна вонредна состојба. Поморје и селата Лака и Каменар се без струја поради падот на осум високонапонски столбови во атарот на селото Лака.
„Има дрвја, гранки кои паднале. Вода имаше и поради обилните врнежи. Мобилизирано е претпријатието ‘Земјоделско шумарство’ за расчистување на сите паднати дрвја. И чекаме да се отстранат дефектите за струјата, бидејќи тоа е од суштинско значење за пумпите да работат и водата да се дренира“, изјави заменик градоначалникот на Поморје Јанчо Илиев.
Спасен човек кој паднал од јахта
Семејство пријавило дека е заглавено на островот Св. Иван во близина на Созопол. Тие биле на планинарење таму кога започнало невремето. Координативниот центар за поморско спасување ја потврди информацијата за лице кое паднало од јахта кај Поморје. Подоцна е објавено дека човекот е спасен од екипажот на јахтата што се наоѓала во негова близина.
Десет јахти беа однесени во морето во близина на Поморје. Бугарското национално радио објави и за невреме во општината Девин.
„Околу 5-7 минути имаше силен ветер и силен дожд, што предизвика оштетувања на неколку станбени и јавни згради. Но, бидејќи се стемни не можеме точно да одредиме за колкава штета се работи. Проблеми се предизвикани и во селата. Напојувањето со електрична енергија е прекинато во цела општина. Во моментов постепено се обновува. Имаше паднати дрвја кои имаа искршени далноводи и искинати струјни кабли, но времето во моментов е смирено. Заедно со ‘Цивилната заштита“’ и со помош на самите жители на општината најпрво ги отстранивме паднатите дрвја и ги исчистивме, патиштата се отворени иако тешко проодни поради паднатите камења. Утре сите штети ќе биде целосно санирани“, изјави градоначалникот на Смолјан, Здравко Иванов.
Има и повредени
Две лица се повредени откако врз нив се урна покрив од базен на хотел за време на невремето во Поморие. Во градот е прогласена делумна вонредна состојба. Местото е без струја. Невремето изненадило многу туристи кои биле на плажите. Маж паднал од јахта, но луѓето од соседниот брод го спасиле.
Be the first to write a comment.