По доаѓањето на чело на СДСМ, партискиот лидер и премиер Димитар Ковачевски имал обид да го врати назад кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој беше избран на оваа функција како кандидат на СДСМ, но вториот мандат го доби како независен кандидат, со поддршка од опозицијата во вториот круг.
Но, како што дознава неофицијално Фокус од високи партиски извори, обидот на Ковачевски завршил неуспешно, бидејќи Димитриевски барал потпретседателско место во СДСМ, и уште побитно – Оливер Спасовски да не биде министер за внатрешни работи.
Како што е познато, конфликтот меѓу Димитриевски и Спасовски кулминираше на локалните избори, на кои СДСМ одлучи да не истрча повторно со Димитриевски, откако тој во изминатите години често испорачуваше критики кон повеќе одлуки и политики на матичната партија и централната власт.
Во таква ситуација, СДСМ одлучи во Куманово да го кандидира Оливер Илиевски, кого Димитриевски го обвинуваше дека е продолжена рака на Спасовски, кој, за волја на вистината, го заложи својот авторитет за Илиевски.
Имено, Спасовски го придружуваше Илиевски на скоро сите предизборни настани и ги повикуваше граѓаните да го поддржат, поради што победата на Димитриевски не се сметаше само како пораз на Илиевски и на СДСМ, туку и како личен пораз на Спасовски, кој, како што ликуваше Димитриевски во едно постизборно видео, загубил и во сопственото маало.
После овие избори, Зоран Заев се повлече и од лидерската и од премиерската функција, што, пак, повлече колективна оставка на целокупното партиско раководство, вклучително и на Спасовски, кој дотогаш беше партиски потпретседател.
Ваквиот развој на настаните доведе и до избор на нов партиски лидер и нова Влада, во која дел од поранешните министри ги задржаа функциите, меѓу кои беше и Спасовски, за кого новиот премиер Ковачевски сметаше дека покажал солиден перформанс.
Меѓутоа, се додека Ковачевски не е спремен целосно да се откаже од Спасовски, Димитриевски ќе делува надвор од СДСМ, а не се исклучува да настапи и на следните парламентарни избори.
Во еден јавен настап, тој деновиве навести таква можност, појаснувајќи дека не мора да настапи на изборите преку нова политичка партија, туку и во некаква форма на движење, по примерот на повеќе искуства во регионот.
За потсетување, откако Димитриевски одлучи да се кандидира за втор мандат како независен кандидат, тој беше исклучен од СДСМ, но после изборите стигнаа најави од Бихаќка дека ќе се обидат да го вратат назад.
Be the first to write a comment.