Набргу по смртта на беровчанецот Јован Димовски (25), кој почина по интервенција на заб на 24-ти август, отворена е сметка за донации, наменети за неговото семејство.

Како што е наведено во апелот, мајката на Јован, Снежана и неговиот брат Александар ги чекала борба за докажување на вистината за причината на смртта на момчето, а истовремено се справувале со отежнати услови за егзистенција.

-Александар и Јован Димовски (сега починат) уште пред своето полнолетство остануваат без едниот родител – татко кој починува во Италија. Поради трошоците за пренесувањето на телото и погребот, семејството останува со незавиден финансиски товар што го чувствуваат до денешен ден.

Во меѓувреме мајката останува без работа, а загубата на Јован кој по смртта на таткото ја превзема улогата на глава во семејството, е ненадоместлива. Но, мајката и братот имаат потреба да ја бараат и дознаат вистината за смртта на саканиот син и брат. Патот кој треба да го поминат за таа цел е полн со институционални пречки и обврски пред се од финансиска природа.

Во врска со случајот, Јавното обвинителство во Штип отвори и предмет на истрага. Од тие причини, а најмногу поради тоа дека вистината мора да излезе на виделина и секој што има вина да понесе одговорност, Ве замолуваме согласно можностите секој од нас да донираме парични средства за помош на семејството – пишува во апелот кој е актуелен на социјалните мрежи.

Според објавата, целта е да се соберат околу 11.500 долари. Во изминатите седум дена, откако е започната акцијата за донирање, собрани се околу 10.000 долари.