За во септември се најавува мини реконтрукција во некои владини сектори како и промена на директорски места во дел од здравствените институции, дознава Фактор од свои извори од здравствениот сектор.
Изворите на Фактор посочуваат дека е можно СДСМ да го враќа ресорот здравство, а како можни имиња за министер повторно се споменуваат истите кога се случуваше последната промена во Министерството за здравство. Тоа се актуелните директорки на Клиниката за пластична хирургија и Инфективната клиника, односно д-р Софија Пејкова и д-р Милена Стевановиќ, како и актуелниот директор на ГОБ „8 Септември“, д-р Христијан Костов.
-Се најавува мала реконструкција. Неофицијално, она што се зборува во овие кругови е дека министерот за здравство Беким Сали повеќе не ја сака функцијата. Дали СДСМ ќе го врати Министерството за здравство се уште е неизвесно, а имињата кои се споменуваат за евентуален наследник на Сали, доколку се случи таа мини реконструкција и доколку овој сектор припадне на СДСМ, се д-р Софија Пејкова, директорката на Клиниката за пластична хирургија, потоа д-р Милена Стевановиќ, директорката на Клиниката за инфективни болести, и директорот на ГОБ „8 Септември“, д-р Христијан Костов. Секако, сите овие информации се неофицијални и пред се зависат од разговорите меѓу највисоките раководства на коалициските партнери. Можно е да нема ништо од сето ова, зошто во здравството веќе се почнати низа проекти кои треба да се завршат и да бидат оставени на актуелниот министер да ги заврши. На пример, отворањето на поликлиниката Сарај, која е од огромно значење за пациентите во тој дел на градот, како и отворањето на низа амбуланти. Ќе видиме како ќе течат работите, септември е на прагот, вели изворот на Фактор.
Фактор секако контактираше со споменатите доктори кои изворот ги посочува како можни кадри на СДСМ за министер за здравство. Тие самите се изненадени од информациите за мини реконструкција, а д-р Пејкова во изјавата за Фактор рече дека пациентите и се на прво место и дека таа е човек која си ја сака работата на Клиниката за пластична хирургија. Сосема сличен одговор даде и д-р Костов.
Исто така, како што посочуваат нашите извори промени најверојатно ќе има и во директорските места во дел од здравствените институции. Веќе е сменета директорката на ДСЗИ, д-р Ирина Бухова, а има информации и дека ќе биде сменета директорката на Институтот за радиологија, д-р Гордана Антулеска Белчевска.
– Ова е исклучително важна институција во здравството за пациентите, а таму во последниот период имаше огромни пропусти, потенцира изворот на Фактор. Мора да има промени, мора да се сваќаат работите многу сериозно, велат нашите извори
Истовремено, Фактор уште синоќа објави за смената од директорската функција на д-р Бухова, и таа, како што ни беше потврдено била известена за тоа.
„Одредени структури во Министерството за здравство добија „партиска задача“ да најдат замена за неа, уште во април откако и заврши мандатот“, велат изворите на Фактор.
Во изјава за Фактор, поранешната директорка на ДСЗИ, Бухова самата потврди дека по завршувањето на мандатот, самата побарала да именуваат нов директор. Инаку, се уште не се знае кој е наследникот на Бухова, односно кој ќе биде новиот директор на ДСЗИ. Најверојатно, д-р Бухова ќе ја наследи кадар од СДСМ.
Be the first to write a comment.