Официјално, од владејачката партија велат дека немаат конкретен став за можноста за предвремени избори, но не ги демантираат информациите на „КД Политик“.
Во Северна Македонија ќе има предвремени парламентарни избори доколку во јуни нема почеток на преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ), соопштил извор близок до Демократската унија за интеграција (ДУИ) за порталот „КД Политик“.
„Блокадата на парламентот од страна на опозицијата и можниот недостаток на европска перспектива со неопределување датум за преговори не оставаат друг избор освен одржување на нови парламентарни избори“, вели изворот на „КД Политик“.
Според пишувањето на порталот, кој важи за кредибилен медиум, на предвремените избори ДУИ нема да оди во предизборна коалиција со македонските партии – ниту со СДСМ ниту со ВМРО-ДПМНЕ.
Официјално, од партијата велат дека немаат конкретен став за можноста за предвремени избори, но не ги демантираат информациите на „КД Политик“.
Доколку ДУИ одлучи да се оди на предвремени избори, тогаш нивното одржување е неизбежно со оглед на одлучувачката улога што ја имаат интегративците во владејачкото мнозинство – од 64 пратеници кои се дел од власта, ДУИ има 15, се анализира во текстот.
На предвремени парламентарни избори инсистира и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, особено по победата на локалните избори лани во октомври. За да го седнат премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, на маса на која би се договорил датум за избори, од партијата пред една недела почнаа активна блокада на парламентот, а вечерва ќе заседава и Извршниот комитет (ИК) кој би требало да одлучува за идните чекори.
Ставот на социјалдемократите и премиерот Ковачевски, кој секојдневно го повторуваат, е дека избори ќе има во редовниот термин во 2024 година.
Be the first to write a comment.