Одличен ученик со повеќе воншколски активности. Мајкина и таткова гордост, „мал генијалец“, како што го нарекувале. И навистина, начинот на кој момчето убиец го планирал масовниот масакр во ОУ „Владислав Рибникар“ наведува на помислата дека станува збор за натпросечно интелигентна личност: направил цртеж на школото, список на врсниците кои биле „примарна цел“, Молотови коктели… Избрал прецизно оружје од татковата колекција и време за напад кога неговото одделение е најблиску до влезот во школото, а школската полицајка далеку. Зарем сето тоа со само 13 години старост може да го направи некој кој не е далеку над просекот, кој не е „зол гениј“?, пишува Република.рс.
Реалностa зад маската на генијалецот
Извор близок до истрагата вели дека ништо не е како што изгледа на прв поглед. Тој изнесува шокантно тврдење: според сè што досега се знае, момчето убиец всушност бил интелектуално просечно!
– Никаков генијалец, како што беше наведувано. Можно е поради тоа да му пречеле другите во одделението, зашто морал, на пример, да вложува повеќе труд за да го достигне успехот на некои од своите жртви, или и за да ги задоволи родителите кои, според тоа што го знаеме, од него барале беспрекорен успех. Може да се каже дека спартански го воспитувале – вели изворот за Република.
Притисок на амбициозни родители – дали тоа е изворот на проблемот?
Родителите на момчето убиец биле мошне горди на својот „мал генијалец“, како што го нарекувале, зашто покрај обврските во елитното училиште одел и на бројни воннаставни активности. Зборувал странски јазици, одел во школо за глума, во музичко школо, тренирал спортови, победувал на градски натпревари, бил одличен.
Дали толкавиот притисок на хиперамбициозните родители оставил трагични последици врз психата на момчето убиец?
Мина Зиројевиќ, членка на Советот на родители во ОУ „Владислав Рибникар“ изјавила дека според тоа што можела да го слушне од децата кои добро го познавале момчето убиец, забележано било дека тоа е натпреварувачки настроено и дека некогаш се расправало со децата кои можеби биле подобри од него на некој час.
– Сега се зборува дека токму тоа била причината и дека никој од таа смена не го малтретирал – рекла Зиројевиќ.
Се претпоставува дека во мозокот нема вродени физички аномалии
Момчето убиец на клиниката за психијатрија во Белград се наоѓа во изолација. Во вакви случаи, макар што овој тешко се споредува со кој било друг, во тимот за опсервација најчесто се тројца стручњаци. Изворот за Република вели дека е пракса да се спроведе цел сет вештачења и дополнителна дијагностика, како што е, на пример, анализа на структурата на централниот нервен систем со скенер.
Се претпоставува дека момчето нема вродени физички аномалии. Од доверливи извори се дознава дека момчето убиец не покажува каење. Ладен е и смирен, не барал да контактира со никого, ниту се интересирал за родителите. Неговото единствено интересирање е содржано во две прашања кои ги поставувал: „Кога излегувам?“ и „Каков одек има тоа што го направив?“.
Мистерија за суперегото на момчето убиец
Врз основа на овие информации стручњаците цврсто веруваат дека момчето убиец од некои причини нема формирано важна компонента на личноста, таканаречена суперего.
Според теоријата на Зигмунд Фројд, основачот на психоанализата, суперегото е етичка компонента на нечија личност која на одреденото лице му дава морални стандарди врз основа на кои тоа се однесува. Суперегото се развива главно во првите пет години од животот на детето, како реакција на родителските казни или одобрувања.
Детето притоа ги впива моралните стандарди на своите родители, традицијата на семејството и на општеството во кое расте и во него се формира суперего, со кое ја контролира агресијата и другите општествено непосакувани импулси.
Кога детето има правилно развиено суперего, тоа чувствува вина или анксиозност при кршење на етичките стандарди поставени од своето суперего и има потреба да се искупи за сторените грешки. Кај момчето убиец ништо од тоа не постои.
Каква е неговата иднина?
Засега не е точно познато каква терапија ќе му биде одредена на момчето убиец, ниту каде ќе биде долгорочно сместен, но извесно е дека таа одлука нема да се донесе деновиве. Во игра се неколку варијанти, а сигурно е само дека во ниедна не постои шанса да биде вратен во училиштето.
Тој не може да оди во затвор затоа што го направил масакрот со само 13 години и се смета дека не е кривично одговорен. Сепак, може да му биде изречена медицинска мерка за лекување во некоја од специјализираните здравствени институции во Србија.
Be the first to write a comment.