Осум деца и лице за обезбедување се убиени, ранети се седум лица, од кои шест деца и еден учител, а две од децата се во критична состојба. Убиецот е ученикот од седмо оделение (К.К.) на возраст од 14 години од ОУ „Владислав Рибникар“ на Врачар, во Белград, која оваа незапамтена трагедија ја планирал еден месец и тоа до најситен детал, беше соопштено на денешната вонредна прес конференција во српската Влада, јави дописникот на МИА од Белград.
Посебно обраќање до јавноста најави и претседателот Александар Вучиќ, вечерва во 18 часот. Началникот на белградската полиција Веселин Милиќ на прес конференцијата рече дека осомничениот сам се пријавил на полицијата да каже дека застрелал неколку луѓе.
„Според досега собраните информации, ученикот К. К. подолг временски период го планирал извршувањето на ова кривично дело. Мотивот сѐ уште не е утврден, ниту пак тој не го кажал. Датумот 3 мај 2023 година го избрал затоа што училницата по историја била во близина на влезот на училиштето, каде неговиот клас VII-2 го имал првиот час. Огненото оружје, пиштолот со калибар од 9 милиметри, со три рамки, како и малокалибарски пиштол, ги зел од станот на татко му, го ставил во торба, а подготвил и понел и четири молотови коктели“, изјави Милиќ.
ТВ Прва објави аудио снимка од масакрот. Со голема брзина биле испукани 40 куршуми. Се појави и снимка од апсењето.
Be the first to write a comment.