Сите веќе полека почнуваат да ги планираат летните одмори, а покрај патувањата и сместувањето, се поважна ставка во пресметката е и буџетот за храна – особено со поскапувањата за кои се зборува во целиот свет.

Што се однесува до Грција, се сведува на едно главно прашање: Колку чини гиро оваа година?

Имено, цената на гирото веќе извесно време е мерна единица за македонските туристи за состојбите во Грција, а ако лани не изненади обична гиро-пита од 4 евра, годинава се чини дека нема да може воопшто да најдете за 3 евра.

Во однос на лани, цените во Грција пораснаа, но не драстично, иако не е исклучено и понатаму да се менуваат како што наближува летото.

Видео од најпознатиот грчки маркет кој „кружи“ на социјалните мрежи покажа какви се моменталните цени таму, пристигна и сметка од грчка таверна која изненади многумина, а веб-страниците кои ја промовираат Грција ги ажурираа своите ценовници кои веќе можат да ви помогнат да го испланирате буџетот за одмор.

Како што пишува Nikana.gr, цената на гирото во Грција во 2023 година ќе биде меѓу 3,5 и 4,2 евра, а дава и приближни други важни цени – литар млеко е 1,12 €, а свеж леб од 1 € па нагоре; свежата риба е, во зависност од видот, од 6 (сардина, гирици) до 20 евра за килограм; топка сладолед од 1,5 центи до 2,5 € во зависност од слаткарницата.

Грчката информативна веб-страница објави и голем преглед на цените за 2023 година, според кој цената на гиро-пита варира од 2,80 до 4,50 евра, додека гиро-порција чини од 7 до дури 10 евра.

„Цените во Грција во 2023 година го следат трендот во Европа и оваа година се малку повисоки од претходните години, но сепак можете многу евтино да летувате во Грција. Секогаш истакнуваме дека цените на храната, намирниците и различните производи и услуги варираат од место до место, од остров до остров. Додека една топка сладолед во едно од северните грчки одморалишта може да чини само 1 евро, на Миконос може да биде многукратно поскапо. Факт е дека цените на грчките острови се генерално малку повисоки“, забележува „Грција Инфо“.

Погледнете го целосниот ценовник во грчките ресторани и кафулиња за 2023 година.

Гиро-пита (сендвич) 2.80 – 4.50€
Гиро-порција 7 – 10 €
Сувлаки-пита 2.50 – 4.00 €
Оброк во поевтини ресторани 10-15 €
Оброк во поскапи ресторани 30-50 €

Пица 6 – 12 €
Скара 6 -12 €
Риба 6 – 60 €
Салати 6 – 8 €

Домашно пиво 3 – 4,5 €
Странско пиво 4 – 6 €

Сокови 3 – 5 €
Вино 2.50 – 22 €
Кафе од 1,80 – 4 €
Капучино 2,7 – 3,5 €
Милк шејк 2 – 3 €
Коктели 7 – 15 €

Жестоки пијалоци 2 – 6 €
Шише вода (0,33л) 0,50 – 1,30 €

Палачинка 2.50 – 4 €
Пченка 2 – 3 €
Топка сладолед 0,90 – 2 €.