Неспроведување на законите утврдил државниот ревизор при ревизија на работењето во Општина Арачиново. Во последниот извештај на ДЗР стои дека Општината не наплаќа даноци и комунални такси, дека никнуваат градби без дозвола, дека пари се трошат без покритие, а долгови се отпишуваат.
Според државниот ревизор градоначалникот на Општината добил аванс од 200.000 денари од општинската каса, но не ги вратил овие пари. Ревизијата се однесува на 2021 година. Фискалните сметки за угостителски услуги ги снемало од Општината, со кои требало да се оправдаат овие пари, наводно ги украле крадци, но тоа е се што подигнале при кражбата.
„Во текот на 2021 година е извршен отпис на побарувања по основ на дадени аванси врз основа на донесена Одлука за отпис на долг по основ на аванс земен од страна на одговорното лице во износ од 200.000 денари од Советот на Општина Арачиново, како последица од извршена кражба во просториите на општината од страна на непознат сторител, на фискални сметки за извршени угостителски услуги и репрезентација“, истакнуваат од ДЗР.
Советниците во Општинскиот совет добиле надоместоци во вкупен износ од речиси 30.000 евра, но без докази за одржани седници и нивно присуство на тие седници.
„Општината не води евидентни листи за присуство на советниците на одржаните седници на Совет, а исплатата на надоместоците се врши без месечни списоци за исплата изготвени од страна на претседателот на Совет. Од извршениот увид во записниците за одржани седници, ревизијата констатира дека во текот на годината одржани се вкупно 4 седници, а исплатен е надоместок за 12 месеци“, додаваат од ДЗР.
Во извештајот се наведува и дека биле користени картички за точење на гориво од страна на неовластени лица, а гориво се точело и во возила кои не биле во сопственост на Општината.
Be the first to write a comment.