„Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која е осудена на затворска казна, е во одлична психофизичка состојба и достоинствено и стоички се справува со сите малтретирања и дискриминации“, рече нејзиниот сопруг, адвокатот Влатко Илиевски, во вечерашното гостување во „360 степени“ на „Алсат“.
Јанкулоска е осудена на четири години затвор за случајот „Тенк“. Нејзиниот сопруг вели дека таа во затворот „Идризово“ секојдневно џогира и се храни здраво, па затоа нема простор за грижа од тој аспект. Но, Илиевски вели дека како семејство имаат можност да се гледаат само трипати месечно по еден час, а тоа значи дека Јанкулоска го гледа четиригодишниот син само три часа во месецот.
„Мајка ми на 75 години мораше да упадне, практично таа се пресели кај нас и ја игра улогата на мајка. Морам да ги поздравам и да се заблагодарам на воспитувачките и учителките во градинката каде што оди, го прифатија како свое дете и свесни за тоа што му недостига во животот, се обидуваат и тие, на еден или на друг начин, да му го компензираат тоа со грижата што му ја даваат во градинка. Така што, се снаоѓаме“, вели Илиевски.
Јанкулоска во „Идризово“ е сместена во соба наспроти онаа во која казна издржува Катица Јанева, некогашната шефица на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кое ги поднесе обвиненијата против поранешната министерка. Тие, како што рече Илиевски, имаат комуникација, но најчесто за дневни потреби, а не во однос на обвиненијата.
„Гордана не е таков тип на човек, не ѝ дозволува домашната култура и воспитување да не комуницира со кого било, па вклучително и со Катица. Нормално, тие комуникации се за некои дневни потреби, прехранбени производи и нешто слично. Значи, нема комуникација во однос на обвиненијата. Гордана не би сакала да разговара на таа тема затоа што сега, пост фестум, што и да каже Катица е беспредметно и нема да смени ништо“, рече Илиевски.
Be the first to write a comment.