Скршени од болка и во се’ уште силен шок од тоа што ги снајде, семејството на малата Јана ги чека резултатите од обдукцијата кои треба да откријат од што почина нивното шестгодишно првенче, малечката Јаничка, како што си ја викаат.
Резултатите ги чекаат, но надежите на таткото Стојче дека тие ќе ја симнат мистеријата за ненадејната смрт на неговата ќеркичка, му се еднакви на нула. Тој утринава во телефонскиот разговор за Алфа ни рече дека истото му го кажал и на новиот министер за здравство, д-р Фатмир Меџити, кој вчера го посетил семејството во нивниот дом во битолско Кравари.
„Вчера дојде министерот. Сакаше од нас лично да слушне што се случуваше со нашата Јаничка во таа кобна среда. И нему му кажав – нашето девојче беше здраво дете, немаше никакви здравствени проблеми, ни наследни, ни вродени, ни стекнати. Затоа ми е невозможно да поверувам дека ја загубивме за толку кратко време, на таков начин и тоа во болница. Му кажав и дека јас не верувам во обдукции, оти не очекувам дека таа ќе биде веродостојна“, со растревожен глас ни рече утринава 36-годишниот Стојче Христовски, таткото на несреќната Јана.
Христовски вели дека лично како семејство имаат многу причини да се сомневаат во исправноста на македонскиот здравствен систем, не само за случајот со Јана.
„Штом ќе стигнат резултатите за Јана, јавно ќе обелоденам и други непријатни случки кои ги имавме за членови од нашето потесно семејство. Но, најмногу не’ боли за Јаничка, оти таа имаше само шест години, пред неа беше детството, младоста, животот, а сега спие во земјата“, вознемирено ни кажа Стојче.
Шестгодишната Јана почина минатата среда во битолската Клиничка болница каде била донесена со знаци на настинка. Според родителите, состојбата на девојчето се влошила откако му дале инфузија со гликоза, по што шеќерот во крвта се качил најпрвин на 9, а при втората инфузија и на 19, по што девојчето починало. ДСЗИ пак, при направениот вонреден надзор, во рамките на своите надлежности не пронајде елементи на лекарска грешка или неправилно лекување на шестгодишната Јана Христовска.
Be the first to write a comment.