Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола, каде почина петгодишната Јана Христовска. Здравствените инспектори, констатирале дека на девојчето му била дадена глукоза заедно со фисиолошки раствор – но тоа не е констатирано како грешка на педијатрите кои го третирале девојчето. Направен е и увид во медицинската евиденција, а земени се изјави и од здравствените работници кои го третирале детето.
„Детето било донесено за преглед на одделението на 22.03.2023г. околу 10,00 ч. без претходен упат од матичен доктор. Била примена на преглед специјалист педијатар, кој искреирал ‘итен упат’ со упатна дијагноза E86 – дехидратација во 10:07ч. Добиен е анамнестички податок за покачена температура од пред три дена и болки во грло, заради кое мајката и дала сируп Co-almacin. Ден пред приемот е без покачена температура, со повраќање во два наврати, а од вечерта и отоци на очните капаци и болка во нозете по што мајката го прекинала сирупот. Од клиничкиот преглед во наодот констатиран е присутен оток на очните капаци, хиперемични лаци во тонзилофарингеална регија и обложен јазик“, велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Јана примила инфузија која била физиолошки раствор со 5 проценти глукоза, па одново е земена крв за дополнителни анализи, каде е проверуван шеќерот.
„Потоа креиран е упат за биохемиска лабораторија – уринарен, глуциден и ацидобазен статус, земени се примероци од крв и урина за анализа и потоа ординирана терапија –‘Хипоглусал 1’ – 500мл. ( 250 мл.5% Глукоза и 250 мл.0,9% Натриум хлорид) и amp. Bedoxin. По добиените резултати, во 10:45 часот земени се и проширени анализи – крвна слика, ензимски статус, деградациони продукти, глуциден и протеински статус, електролити и липиден статус“, се додава од ДСЗИ.
Тие констатираат: „По завршување на инфузијата состојбата се влошила“.
„Дошло до појава на малаксаност, бледило, тахикардија и сомнолентност (поспаност). Докторката која извршила првично преглед побара помош од вториот присутен педијатар. Детето од дневна болница било префрлено во собата за полуинтензивна нега на одделението и поставено е на монитор и кислородна поддршка. Направени се два ЕКГ записи во 12.34 ч и во 12.42 ч. и побаран е конзилијарен преглед од анестезиолог од установата. Во меѓувреме детето прави срцев застој по што е направена е реанимација. Извршена е и консултација со специјалисти – педијатри од ЈЗУ УК за детски болести од оддел за кардиологија и за неврологија за транспорт во таа здравствена установа. По препорака на специјалистот – анестезиолог во болницата направени се дополнителни анализи на ензимскиот и ацидобазниот статус (креатин киназа и тропонин ) во 13.34ч и во 13.49ч. Поради дополнително влошување на состојбата, во 14,00 ч детето е пренесено во службата за интензивно лекување САРИЛ каде е направена кардио пулмонална реанимација и дадена е терапија, но без успех. Од страна на анестезиологот е констатирана смрт во 15.20 часот“, додаде ДСЗИ.
Изјави дале и специјалистите педијатри
„По изјава на двете докторки – специјалисти педијатри по добиените резултати од направените ензимски иследувања за покачени показатели за срцево страдање (креатин киназа и тропонин) известена е мајката на детето за сериозноста на состојбата. Телото на починатото дете е дадено на обдукција. Не се констатирани недостатоци во рамките на надлежноста на ДСЗИ“, додава инспекторатот.
Освен за инспекцискиот надзор во битолската болница, од ДСЗИ засега нема информација дали е направен увид и во документацијата на починатото девојче која се водела кај матичниот доктор.
Сведоштво за последните моменти на Јана имаше и татко ѝ за „Макфакс“. Тој и неговата сопруга се убедени дека за смртта на нивната ќерка пресудна била инфузијата со гликоза што ја добила и покрај тоа што претходно анализите покажале дека шеќерот ѝ е 9. По инфузијата, шеќерот ѝ се качил на 19 и состојбата ѝ се искомплицирала, а по три часа, им соопштиле дека починала.
Со став излезе и битолското Обвинителство, од каде што посочија дека издале наредби за да се утврди фактичката состојба.
Be the first to write a comment.