Азра Ш. (21), вчера беше уапсена по меѓународна потерница во Сараево, под сомнение дека учествувала во убиството на Ранко Радошевиќ (54), познат како Ранко Ескобар, на бензинска пумпа во Рушње.

– Азра, инаку студентка, е уапсена во овој град во населбата Бјелаве, а по нејзиниот пријател М.П. се уште се трага. Според првите информации, Азра учествувала во кражбата на автомобилот „голф 4“ кој по злосторството бил опожарен на Петлово Брдо – вели извор од истрагата за српските медиуми.

Како што дознаваат медиумите, се проверува и дали и помогнала на малолетничката (17), уапсена со главните осомничени Стефан З. (28) и Лука В. (26), да го намамат Радошевиќ со продажба на автомобил и да го доведат во Рушње.

Радошевиќ бил редовен гостин во кафулето на таа бензинска пумпа, а таму ги чекал убијците. Се занимавал со автомобили кои ги препродавал, а одредени ги изработувал со затемнети стакла и ги блиндирал.

Радошевиќ, инаку, е означен како еден од водачите на кланот Никшиќ и соработник на убиениот водач на „шкаљарците“ Јован Вукотиќ. Тој беше погребан во понеделникот во Белград, на гробиштата Орловача, а го испратија околу 500 луѓе.

Да потсетиме, во Вишото јавно обвинителство беа сослушани главните осомничени Стефан З. и Лука В., кои се бранеа со молчење, додека уапсената малолетничка (17) изнесе своја одбрана.

📸