Петнаесет години затвор доби неготинецот П. Н. (51) откако во Основниот суд Кавадарци го признал делото за кое се товареше откако пијан ја претепа вонбрачната партнерка на 2 август, по што таа почина на 6 август. Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци го обвини за кривичното дело Тешка телесна повреда, сторена при семејно насилство при што повреденото лице починало.
„Обвинетиот П. Н. по дадено признание за вина, огласен е за виновен за настанот којшто се случи на 2 август годинава во Неготино, каде што извршил семејно насилство во кое оштетената Љ. Г. од здобиените Тешки телесни повреди почина на 6 август година. Од страна на судечкиот судија му е изречена казна затвор во траење од 15 години, којашто да биде извршена по правосилноста на пресудата“, соопшти Основниот суд Кавадарци.
Притворот за осуденикот е продолжен до правосилноста на пресудата.
Според обвинителството, по вербална расправија, П. Н. кој со години живеел во вонбрачна заедница со 56-годишната жена, повеќе пати ја удирал со бокс во главата, а потоа ја турнал кон туш кабината во бањата. Таа паднала, тешко се повредила и падна во кома. По интервенција во Општата болница во Кавадарци, таа била пренесена на лекување во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, каде почина на 6 август.
На П. Н. не му е изречена мерката задолжително лекување како што првично се бараше, бидејќи вештото лице смета дека по четири месеци од настанот, таа мерка нема ефикасност и обвинетиот може да ја служи изречената казна.
Be the first to write a comment.