Страшна трагедија се случи вчера на полноќ во дворот на болницата Венизелио на најголемиот грчки остров Крит.

Според информациите објавени во грчките медиуми, се’ се случило неколку минути по полноќ денеска (18.11) кога целиот дежурен персонал во болницата бил ставен на штрек.

Сопругот на 33-годишна жена ја однел сопругата со такси во болница кога, според сигурни извори, таа веќе една недела била заразена со коронавирус. Лекарите веднаш се упатиле кон таксито и на 33-годишната жена ѝ извршиле кардиопулмонална реанимација (CPR) и интубација, но веќе било доцна.

– Лекарите 40 минути се бореле да ја вратат младата жена во живот, но таа најверојатно веќе починала во таксито пред да стигне до болницата Венизелио, вели за cretapost докторката и заменик директорка на болницата, Елефтерија Костакис.

Сигурни извори велат дека жената веќе била во несвест кога таксито пристигнало во болницата додека лекарите на лице место воделе битка за да ја спасат.

Сега се очекува форензичкиот извештај да ги расветли причините кои ја предизвикале смртта на несреќната 33-годишна жена, односно дали се работи за компликација од Ковид-19 или пак боледувала од срцеви проблеми за кои можеби не била свесна.