Видео снимено на плажа во калифорнискиот залив Ла Џола во Сан Диего, на кое се гледаат морски лавови како бркаат луѓе од плажата, стана вирално.
Видеото првично објавено на Тик-ток, првично предизвика многу смеа и смешни коментари, но предизвика и загриженост бидејќи покажува колку луѓето се приближуваат до овие големи животни и ги вознемируваат, јави Ен-би-си.
Ен-би-си разговараше со Чарлиена Јејна, девојката која го сними видеото.
„Почнав да снимам бидејќи ми беше смешно да ги гледам овие огромни морски лавови како ги бркаат туристите“, рече Јејна, која вели дека ја посетила Ла Џола минатиот петок кога приметила дека капачите премногу се доближуваат до морските лавови.
„Морските лавови спиеја на плажата. Јас ги гледав, а потоа една жена им пријде на помалку од метар и половина и се обидуваше да направи фотографија одблиску. Морскиот лав потоа се разбуди и почна да ги брка луѓето“, рече таа.
На видеото се гледаат два морски лава како вознемирено се движат на плажата додека луѓето бегаат од нив, а потоа се повлекуваат назад во морето и се оддалечуваат од луѓето.
Јејна истакнува дека била загрижена за безбедноста на капачите. Таа вели дека насекаде се поставени табли кои ги предупредуваат посетителите да им дадат простор на фоките и морските лавови бидејќи тие се животни што живеат таму.
Келен Кларк, која го поминала неделното утро на плажата со пријателите, вели дека виралното видео е добар пример за тоа зошто луѓето треба да го почитуваат животниот простор на морските лавови.
„Тоа е нивното природно живеалиште. Луѓето навистина не треба да им се приближуваат премногу“, рече Кларк.
Јејна се надева дека луѓето што го виделе нејзиното видео научиле нешто.
„Мило ми е што стана вирално бидејќи ја подигнува свеста за тоа колку овие животни можат да бидат опасни. Се работи за диви животни кои воедно се заштитени. Само треба да им се остави простор“, вели девојката која го сними видеото.
Be the first to write a comment.