Сè уште не е познат целосниот размер на уништувањето предизвикано од двојните земјотреси со јачина од 7,8 и 7,5 степени според Рихтеровата скала што на 6 февруари ја погодија јужна Турција и северна Сирија, а засега се знае дека бројот на жртвите расте, надминувајќи 11.000 во тие две земји, како и дека се оштетени најмалку 6.000 згради, објави Економист.

Експертот за земјотреси Овгун Ахмет Ерџан проценува дека 180.000 или повеќе луѓе би можеле да бидат заробени под урнатините, од кои речиси сите се најверојатно мртви.


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган прогласи вонредна состојба во десет провинции кои беа потресени од земјотресите, каде живеат 13 милиони луѓе.

Регионот погоден од катастрофата во јужна Турција ја опфаќа и Адана, град со 1,8 милиони жители, каде што безброј станбени блокови се срамнети со земја.

Југоисточно од таму, на околу 100 километри, сцените се уште поапокалиптични, особено во Искендерун, град на брегот на Средоземното Море.


Ситуацијата е катастрофална уште појужно во Антакија, место од 400.000 луѓе, каде практично сите згради се уништени, додека трупови се извлечени од урнатините, завиткани во теписи или ќебиња, наредени покрај главниот пат, покрај повредените, кои чекаат итна помош.

Аеродромот во близина на тоа место беше затворен поради оштетување на пистата.

Повеќето од жртвите биле во Идлиб

Од друга страна, во Сирија најмногу жртви има во Идлиб, провинција под контрола на бунтовниците на северозапад, како и во областа под контрола на режимот на Башар ал Асад.

Обединетите нации соопштија дека најмалку 224 згради се уништени на северозапад, додека 325 се оштетени, а конечниот број веројатно ќе биде многу поголем.


Повеќето од луѓето во Идлиб се раселени од други области во Сирија и живеат во шатори или импровизирани куќи, а очевидци велат дека земјотресот погодил цели села.

Турската војска, која има мали бази низ Идлиб, испрати спасувачки тимови, но надворешната поддршка веројатно бавно ќе пристигнува, и поради тоа што регионот е контролиран од бунтовнички групи и затоа што е тешко достапно, а околу 2,7 милиони луѓе во покраината се потпира на меѓународната помош што се транспортира преку границата.

На 7 февруари, ОН објавија дека прекуграничната помош е стопирана и не е јасно кога би можела да продолжи, што ќе ги забави сите напори за помош од земјотресот, вклучително и недостигот на храна, лекови и други основни добра за милиони луѓе.


Ништо подобра не е ситуацијата на територијата контролирана од режимот, но се чини дека е најлоша во Алепо, вториот по големина град во Сирија, но голема штета има и во Хама, провинција на југ, и Латакија, на брег.