Пејачот на британската музичка група „Фејтлес“, Макси Џез почина на 65-годишна возраст. Тажната вест ја споделија неговите колеги од музичката група, Систер Блис и Роло Армстронг.

„Со голема тага ве известуваме дека Макси Џез почина во текот на минатата ноќ. Тој беше човек кој ни ги промени животите на многу начини. На нашата музика ѝ даде вистинско значење и порака.

Исто така, тој беше прекрасно човечко суштество со време за сè и мудрост која беше и длабока и достапна. Ни беше чест и, се разбира, вистинско задоволство да работиме со него.

Беше брилијантен текстописец, диџеј, будист, имаше величествено присуство на сцената, љубител на автомобили, бескраен говорник, убава личност, морален компас и гениј.

Почивај во мир драг Макс“, напишаа тие на официјалната страница на „Фејтлес“.

Причината за смртта сѐ уште не е позната, пишува „Скај њуз“.