Во периодот од 13 до 17 февруари годинава, во близина на Атина, Грција, беше реализирана заедничка обука и размена на искуства помеѓу припадниците на специјалните полициски единици на Македонија и Грција.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека припадници на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и припадници на Специјалната полициска единица „ЕКАМ” разменија искуства во повеќе полициски специјалности, разрешување на заложничка ситуација користејќи тактичка блиска борба во затворен простор, снајперизам, механичко и балистичко пробивање со употреба на експлозиви…

„Во исто време беше спроведена и обука во насока на борба и справување со тероризмот и организираниот криминал. Двете единици покажаа подготвеност и обученост за соочување со најголемото зло во светот односно тероризмот. Активностите кои заеднички ги спроведуваа, јасно укажуваат на нивната посветеност за подобрување на безбедноста генерално, како и безбедноста на граѓаните преку синхронизирани акции во борбата против сите видови криминал. Ваквите размени на искуства во откривањето, спречувањето и сузбивањето на нелегалните дејствија се исклучително важни за припадниците на „Тигар” и „ЕКАМ”, бидејќи со споредување на различни техники и размена на искуства, тие ја подобруваат нивната работа, што пак, претставува клуч за нивната успешност“, велат од МВР.

Оваа средба, што беше оценета како квалитетна и професионална, од МВР велат дека сведочи за посветеноста на македонско-грчката соработка на полето на внатрешната, но и безбедноста на регионот и претставува основа за натамошно зајакнување и подобрување на механизмите за заедничко дејствување во борбата против современите безбедносни предизвици.