Со поинаков лик, по само 35 дена во затвор, наместо 7 години, поранешниот директор на Царината Драган Даравелски, претпладнево беше пуштен од Идризово. Надвор го чекаа два автомобила, а воопшто не застана на обидот за изјава.
Даравелски потоа со автомобил со затемнети стакла се упати кон Куманово.
Тој вчера доби позитивен одговор на барањето за повторување на судењето што, пак, го отвора патот за застарување на делото кое му се става на товар. На новото судење, Кривичниот суд ќе треба да констатира дека делото му е застарено за гонење. Одлуката за повторно судење добила потврда и од Апелација, затоа што му се судело во отсуство.
Во соопштението од Кривичен се повикуваат на Европската конвенција за екстрадиција и на законот за кривична постапка, според кој ако некој е осуден во отсуство треба да добие можност да му се суди и во негово присуство, ако во рок од една година од денот кога дознал за пресудата го побара тоа. Ова прашање беше спорно и за дел од експертите и за обвинителството кое се жалело на одлуката на Кривичен.
Сметаат дека Даравелски дознал за пресудата уште пред неколку години, кога беше задржан во екстрадициски притвор во Белград, а не сега кога сам се предаде на граничниот премин „Табановце“ на 11 јануари.
Даравелски на слобода ќе го дочека новото судење на кое судот по службена должност ќе треба да констатира дека делото за гонење му застарело на крајот на 2022 година, велат познавачите. Даравелски беше во бегство две децении. Во отсуство беше осуден на седум години затвор за злоупотреба на службената положба, а пресудата му е правосилна од 2008 година.
Be the first to write a comment.