Во хеликоптерската несреќа во украинскиот град Бровари во близина на Киев, во којашто загина министерот за внатрешни работи на Украина, Денис Монастирски и неговиот прв заменик, загинаа и три деца, а уште 10 се повредени и пренесени во болница.

Во хеликоптерот бил министерот со уште осум лица, а се срушил во близина на градинка и станбена зграда, а засега има информации за 18 загинати.

Видео снимките коишто се споделуваат на социјалните мрежи покажуваат зграда во пламен. Мештаните велат дека слушнале експлозија во градот, а потоа виделе голем пожар во близина на градинката.

Украинските медиуми јавуваат дека наоколу има чад и урнатини, уништени се прозорците на околните згради, на снимката се слушаат врисоци, а на терен се и специјалци.

Судејќи според видео снимките од местото на настанот, пожарот продолжува да гори.

Регионалниот гувернер на Киев Олексиј Кулеба објави на Телеграм за хеликоптерската несреќа во регионот на Киев.

„Во Бровари хеликоптер се урна покрај градинка и станбена зграда. Во моментот на трагедијата имало деца и вработени во градинката“.