Русија денеска соопшти дека ја одбила понудата на Швајцарија да ги застапува интересите на Украина во Русија и интересите на Москва во Украина, бидејќи повеќе не ја смета Швајцарија за неутрална земја.
Швајцарија има долга дипломатска традиција да дејствува како посредник меѓу земјите чии односи се прекинати, но портпаролот на МНР Иван Нечајев изјави дека тоа не е можно во сегашната ситуација.
„Швајцарците навистина беа заинтересирани за нашето мислење за можното претставување на интересите на Украина во Русија и Русија во Украина. Ние одговоривме многу јасно дека Швајцарија за жал го загуби статусот на неутрална држава и не може ниту да дејствува како посредник, откако Берн се приклучи на незаконските западни санкции против Русија“, изјави Нечаев за новинарите.
Неутралната Швајцарија ги ископира речиси сите санкции наметнати од Европската унија кон Русија поради нејзината воена интервенција во Украина.
Швајцарските медиуми претходно објавија дека главната цел на швајцарскиот предлог ќе биде да им се овозможи на Украинците кои живеат во Русија да добиваат конзуларни услуги од швајцарската амбасада во Москва.
Be the first to write a comment.