Лекар од Романија неодамна беше уапсен под сомнение дека на повеќе од сто пациенти им вградил пејсмејкери извадени од телата на починатите. Како што сега пренесуваат романските медиуми, станува збор за кардиологот Ден Теслојану, а еден од неговите пациенти открива низ каков пекол поминал.

Теслојану, кардиолог од Јаши, е обвинет за инсталирање пејсмејкери извадени од починати луѓе. Заедно со другите колеги, тој формирал измамничка шема и веруваше дека е недопирлив. Има најмалку 238 пациенти кои поминале низ оваа злобна мрежа. Истражителите во домовите на лекарите пронашле купишта пари, како и десетици слики од познати сликари.

Теслојану работи и во приватна клиника во Јаши, каде што поседува 50 отсто од акциите, заедно со уште еден колега. Во имотниот лист Теслојану пријавил две куќи, стан и уметничка колекција во вредност од 50.000 евра. На сметките има 90.000 евра, 50.000 долари и речиси 80.000 леи.

Еден од неговите пациенти, кој сакаше да остане анонимен, за романскиот весник „Опсервер“ опиша како изгледал третманот кај кардиологот.

– Првата операција ја направив во 2013 година. Ми вгради пејсмејкер. Конците постојано пукаа, моето тело го отфрлаше апаратот – вели пациентот.

Тој тврди дека докторот не му покажал никакви документи за апаратот што му го вградил во срцето.

– Ништо не ми даде, ниту хартија. Не знам дали сум еден од тие 200 пациенти на кои им бил вграден уред изваден од тело на починат, но мислам дека сум, затоа што моето тело постојано го одбиваше апаратот. Ме сечеше седум пати, а сега ми е јасно зошто. Постојано ме колваше со антибиотици, уништен сум – вели пациентот на уапсениот кардиолог.

Адвокатот Мариус Тодеанка, кој го брани осомничениот Теслојану, на прашањето зошто ги користел тие пејсмејкери, рече дека неговиот клиент тоа го направил за да спаси животи.

– Тој го правеше тоа за да спаси животи. Постои презумпција на невиност. Во потерницата не стои поткуп, туку само злоупотреба на службената положба – рече адвокатот.