Во последно време сѐ почесто сме сведоци на погрешна употреба на името за државата Турција кое иако на македонски јазик воопшто не е променето, некои на своја рака си играат мајтап со нашиот јазик, речиси сигурно од незнаење.
Oпштина Аеродром ќе обезбеди средства за настраданите од земјотресот во Туркије и Сирија“.
„Солидарност и грижа за Туркије и Сирија!“
„Денеска на предлог на Министерството за одбрана Владата донесе одлука за испраќање на дополнителни 36 припадници од специјалните сили обучени за спасување и претрага во урнатини кои ќе учествуваат во хуманитарната операција во Република Туркије“.
Ова се само три примери како во македонскиот јазик на задна врата влегува збор кој воопшто не постои. Првиот пример е од официјална објава на Општина Аеродром, вториот од еден медиум, додека третиот од Facebook профилот на министерката за одбрана, која, рака на срце, по реакцијата на јавноста во наредните објави се поправи.
Ако за обичниот народ е нормално да биде збунет од промената на името која Турција ја направи, недозволиво е медиуми и државни органи да не си го познаваат сопствениот јазик.
Забуната настана кога во јуни минатата година Обединетите нации го усвоија официјалното барање на Анкара за промена на англиското име на Турција, со што земјата во ОН од Turkey стана Türkiye.
Разбирлива и оправдана е причината поради која Турција се реши на ваков чекор со оглед на тоа што англиското име Turkey истовремено на англиски значли и мисирка, само со мала почетна буква (turkey).
Türkiye на македонски е Турција
Од тој момент куп македонски медиуми се излажаа и почнаа јавноста да ја информираат користејќи некој вид на македонизирана кирилична варијанта на Türkiye, односно Туркије. Согласно правилата за транскриција на странски имиња во Правописот на македонскиот литературен јазик, Туркије навистина би било точна варијанта – само што… не постои!
Откако почнаа да се пишуваат глупости, најмногу по електронските медиуми, претседателот на Советот за македонски јазик, проф. д-р Људмил Спасов, уште во јули објасни што оваа промена значи за македонскиот јазик.
„Ние си имаме наша транскрипција. На пример, не велиме Финланд, туку Финска, не велиме Дојчланд, туку Германија, не велиме Шќиперија, туку Албанија. Или, на пример, кај нас не е Београд, туку Белград. Во ред би било ако се пишува од влада до влада да стои и новото име во заграда, но за наша домашна употреба останува исто – Турција, а со тоа и изведенките си остануваат исти“, објасни професорот во изјава за Факултети.мк.
Така, во македонскиот јазик никогаш не настана промена на името на оваа наша пријателска држава. Официјална Анкара има право да побара од нашата влада да се промени македонското име за оваа држава, но исто така нашата влада има право да не го прифати тоа барања бидејќи сепак е мешање во самиот македонски јазик.
Be the first to write a comment.