Дора, постарата сестра на музичката легенда Тоше Проески, денес објави фотографија од роденденската торта која ја направила по повод неговиот 42-ри роденден, објави ФОКУС.
Веќе 15-та година, откако Тоше не е помеѓу живите, таа на денот на неговото раѓање прави торта со одредена симболика, и како што има изјавено во минатото, ја носи на неговиот гроб, да ја подели со луѓето кои доаѓаат да му запалат свеќа.
Популарниот музичар и голем хуманитарец го загуби животот во сообраќајна несреќа на 16-ти октомври, 2007 година, кога имаше само 26 години.
Неговите родители Доминика и Никола и сестрата Дора, и по сите изминати години живеат повлечен живот, подалеку од очите на јавноста.
Кога пред пет години во Скопје се одржа голем концерт во негова чест, на кој настапи и внукот на Тоше, односно синот на Дора, Кристијан Ристески, родителите на Тоше не дојдоа на настанот. Сопругот на Дора, нивниот зет Славен тогаш за ,,Фокус” раскажа дека на Доминика и Никола им е премногу тешко и иако на концертот пеел нивниот внук, немале сили да присуствуваат.
-Годините кои минуваат не можат да им ја ублажат болката по изгубениот син – ни изјави тогаш Ристески.
И Дора не крие дека годините не помогнале да се намали болката по братот, и многу често објавува негови фотографии и цитати во кои спомнува за загубата.
Во постаро интервју таа откри дека веста за смртта на Тоше ја дознала на улица, откако додека била на работа и се јавиле пријатели и и рекле итно да оди кај мајка и. Таа веднаш тргнала, не знаејќи за што се работи, а сите кои ја сретнувале по пат гледале во неа и плачеле. Тогаш некој човек и кажал дека Тоше починал.
Be the first to write a comment.