Мексиканската полиција приведе лекар обвинет за користење на контаминирани лекови кои можеби предизвикале мистериозна епидемија на менингитис во државата Дуранго, откако болеста уби најмалку 35 жени во изминатите неколку месеци.

Уште 79 лица се хоспитализирани со знаци на инфекција.

Лекар специјалист по анестезиологија вчера рано беше уапсен од полицијата под обвинение за незаконски активности вклучително и повторна употреба на лекови во приватни болници каде што работел. Целосното име на докторот не е објавено.

Менингитисот обично е поврзан со болно воспаление на мозокот и ‘рбетниот мозок, често предизвикано од вирус или во некои случаи од бактериска или габична инфекција.

Донел свои лекови

Засегнатите пациенти во Дуранго најверојатно се заразиле со габичен менингитис додека биле подложени на процедури во истите болници каде што работел докторот, се вели во изјавата на државниот обвинител на Дуранго, Соња Гарза.

„Овој специјалист вршеше процедури без ограничувања“, рече Гарза, додавајќи дека носел свои лекови за пациентите, вклучително и недозволени дроги.

Гарза додаде дека приведениот лекар бил единствениот лекар кој вршел процедури во четирите болници каде биле забележани инфекциите. Таа додаде дека на рочиштето пред обвинителите тој негирал дека користел сопствени лекови.