Непроменета и критична е состојбата на осуммесечното бебе со дијагностицирана туберкулоза, објави телевизија ТЕЛМА. Такви се информациите кои доаѓаат од Детската клиника, а другите детали за овој случај сѐ уште се обвиткани во мистерија.
Зошто било запоставено, дехидрирано и неухрането и како се заразило со туберкулоза – останува нејасно и за надлежните. Од Министерството за труд и социјала денес ќе ги разгледуваат официјалните документи и сѐ она што претходело на приемот на бебето Билал во кумановската болница во петокот.
Педијатарот кој прв го примил на преглед, за Телма споделува дел од деталите.
„НАЈСЕРИОЗНО БЕШЕ ТОА ШТО БЕБЕТО ИМАШЕ ОТЕЖНАТО ДИШЕЊЕ, БЕШЕ КИСЛОРОДНО ЗАВИСНО И НЕУХРАНЕТО. ОСУММЕСЕЧНО ДОЕНЧЕ ДА ТЕЖИ САМО 3 КИЛОГРАМИ – СИГУРНО ТОА БЕБЕ НЕ БИЛО ПРЕГЛЕДАНО ОД ЛЕКАР ДОСЕГА. АНАМНЕСТИЧКИТЕ ПОДАТОЦИ ОД РОДИТЕЛИТЕ НЕ БЕА МНОГУ ЈАСНИ – ЕДНАШ РЕКОА ДЕКА ИМААТ САМО ДВЕ ДЕЦА, ПА ПОТОА ДЕКА ИМААТ ПЕТ ДЕЦА И НА КРАЈ ДЕКА ИМААТ ЧЕТИРИ ДЕЦА. НЕ БЕА МНОГУ ЈАСНИ“, ВЕЛИ Д-Р АРГОН СУЛЕЈМАНИ, СПЕЦИЈАЛИСТ-ПЕДИЈАТАР ВО ОПШТАТА БОЛНИЦА ВО КУМАНОВО.
Што открива овој случај, ќе треба официјално да кажат институциите. Од кумановската болница велат дека бил повикан социјален работник, а задача на надлежните ќе биде и да откријат од каде потекнува инфекцијата со туберкулоза – дали најпрво некој свесно го запоставил детето, а сега претставува и закана за околината.
„ЌЕ ТРЕБА ДА СЕ НАЈДЕ ГНЕЗДОТО НА ОВАА ИНФЕКЦИЈА И ДА ИМА ИСПИТУВАЊЕ И НА ДРУГИТЕ ЧЛЕНОВИ НА СЕМЕЈСТВОТО. КАЈ НАС ВЧЕРА ДОЈДЕ СОЦИЈАЛНИОТ РАБОТНИК. НА ТОЈ НАЧИН НИЕ РАЗБРАВМЕ ДЕКА ОВА НЕ Е СОЦИЈАЛЕН СЛУЧАЈ И ДЕКА ТАТКОТО БИЛ ВРАБОТЕН. НО, ЗОШТО БЕБЕТО НЕ БИЛО ОДНЕСЕНО НА ЛЕКАР И ЗОШТО Е ТОЛКУ НЕУХРАНЕТО – ТОА Е ПОД ЗНАК ПРАШАНИК И ОВА ПРАШАЊЕ ЌЕ ТРЕБА И ПОНАТАМУ ДА СЕ РАЗЈАСНУВА КАКО СЛУЧАЈ“, РЕЧЕ Д-Р СУЛЕЈМАНИ.
Вчера, од Клиниката за детски болести смирија дека нема потреба од паника за зараза со туберколоза во болницата, затоа што бебето е изолирано и за него се грижи посебен медицински персонал.
Во меѓувреме, мајката од вчера е хоспитализирана во Институтот за белодробни заболувања, а нејзините три малолетни деца се испратени во Детската болница Козле, на испитувања за можна туберкулоза.
Be the first to write a comment.