Судија на претходна постапка го прифати предлогот на ОЈО во врска со случајот со доктор Жан Митрев и донесе одлука за определување мерка за претпазливост за одземање на неговата патна исправа заради опасност од бегство, потврдија за МИА од Основниот кривичен суд Скопје.

По утврдување на определени околности во текот на предистражната постапка, Основното јавно обвинителство Скопје, претходно, денеска информира дека била донесена наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Измама од член 247 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, како што соопшти Јавното обвинителство, во периодот од април 2020 година до 2022 година, со намера за правно лице – приватна здравствена установа да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите лекувани од КОВИД-19 со методот на хемофилтрација.

Надлежниот јавен обвинител, имајќи ги предвид околностите, до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка за обезбедување на осомничениот – одземање на патна и друга исправа за преминување на државната граница, како и забрана за издавање нова. Ваквата мерка е предложена заради неопходноста да се обезбеди присуството на осомничениот и за непречено водење на постапката, информираат од Јавното обвинителство.

ШТО СТОИ ВО ЧЛЕН 247 ОД КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК:

Став 1:

Тој што со намера за себе или за друг да прибави противправна имотна корист ќе доведе некого во заблуда со лажно прикажување или со прикривање факти или ќе го држи во заблуда и со тоа ќе го наведе да стори или да не стори нешто на штета на својот или туѓ имот, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

Став 4

Ако сторената штета надминува значителна врсдност, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години.

Кривичното дело за кое се терети Митрев било сторувано повеќе од две години.

-Осомничениот, во периодот од април 2020 година до 2022 година, со намера за правно лице – приватна здравствена установа да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите лекувани од КОВИД 19 со методот на хемофилтрација, велат од ОЈО.

Околу најновите случувања се огласи и Клинката Жан Митрев. Од таму велат нивниот сопственик бил поканет и уредно се појавил во Обвинителството, а за понатамошниот развој ќе информирале соодветно.

-Клиника Жан Митрев и сега и понатаму целосно соработува со институциите за кои и да било случај. Ние како Клиника досега, а и понатаму работиме целосно транспарентно и во интерес на пациентите. Овој однос не е само кон надлежните институции и тела во државата, туку е и кон нашите пациенти. Знаејќи ја вистината и водејќи се според високите стандарди на работа ќе помогнеме за откривање на фактичката состојба и ги ставаме на располагање сите наши материјални и човечки капацитети за да излезе вистината во јавноста, велат од клиниката.