Хрватската полиција се уште трага по сторителот кој синоќа во 19 часот и 40 минути на паркингот на улицата Добриша Цесариќ кај куќниот број 1, со огнено оружје го застрела во глава 43-годишниот Крешимир Г., соопштија утрово од загрепската Полициска управа.

Полицијата нема нови информации за состојбата на човекот кој е застрелан.

– Медицинската сестра на Одделението за интензивна нега на КБ „Сестри Милосрдници“ само ни кажа дека семејството на повредениот е информирано и додаде дека не може да ни каже ништо повеќе и ги пренесе зборовите на дежурниот лекар дека не се овластени да даваат каква било информација и дека за каква било информација треба директно да се обратиме до директорот на Клиниката, објави Јутарњи лист.

Синоќа, откако беше донесен во болница, му беше извршена итна операција, а од лица кои ги затекнале на терен, хрватските новинари слушнале дека состојбата на повредениот е тешка, со мали шанси да преживее. Но, од надлежните не можеше да се дознае дали Крешимир Г. ѝ подлегнал на тешката повреда.

– Директорот болницата „Сестри милосрдници“, Давор Вагиќ за Дневник.хр изјави дека мажот е донесен во болница во тешка состојба со повреда на главата и дека е опериран и неговиот живот е во опасност.