Во Турција се случи уште едно чудо, откако момче (12) беше спасено од урнатините на зграда во Антакија, провинцијата Хатај, 260 часа по разорните земјотреси кои минатата недела ги погодија јужните делови на Турција, јавува Анадолија.

Екипите за пребарување и спасување од под урнатините на зграда во населбата Екинци го извлекоа момчето Осман Халебија, странски државјанин.

Тој беше извлечен од урнатините 260 часа или речиси единаесет дена по разорните земјотреси и со возило на брза помош е пренесен во болница.

Спасувачките екипи 11 дена трагаат и спасуваат луѓе под урнатините.

Претходно вечерта турската новинска агенција објави дека во провинцијата Караманмарас била извлечена жена (42) која преживеала 257 часа под урнатините.

Според последните податоци, во разорниот земјотрес во Турција загинале 38.044 лица.