Единствен одговор на трагедијата која ја потресе Србија и двете масовни убиства е длабинската анализа, откривањето на причините а не ова што го нуди претседателот Александар Вучиќ – дополнителна репресија, оценува во интервјуто за хрватскиот „Јутарњи Лист“, Жарко Кораќ, поранешен потпретседател на српската влада, кога премиер беше Зоран Џинџиќ.
Коментирајќи ја изјавата на Вучиќ дека тој побарал и враќање на смртната казна во Србија и присуство на полицајците во училиштата, Кораќ вели дека тоа се вообичаените трикови на српскиот претседател.
„Морам да кажам дека власта реагира панично, пред се Вучиќ кој предлага репресија. Тој бара контрола на интернетот, што е во суштина невозможно, се залага за воведување на смртната казна, која во Европа единствено ја има во Белорусија. Единствената работа која Вучиќ не ја спомена а би била почеток на анализата на тоа зошто ваква работа се случила во нашето општество е да одговори на прашањето: дали глорификацијата на воените злосторници влијае на тоа луѓето да имаа право да мислат дека употребата на оружјето и насилството е легитимна реакција на фрустрациите“.
Кораќ, кој е и доктор по психологија, тврди и дека 13-годишното момче кое го изврши масакрот во училиштето „Владислав Рибникар“, на својот список на деца кои планирал да ги убие ги ставил најдобрите ученици од секое одделение.
Корач тврди дека за белградската полиција шокантно било и колку бил смирен убиецот во текот на злосторството и дека не покажал никакво каење, ниту плачел, ниту барал помош.
„Значи, станува збор за очигледно длабока патологија на тоа момче кое веројатно почнала на рани години“ – додава Кораќ.
Be the first to write a comment.