Нина Ангеловска, поранешка министерка за финансии на земјава, која на овдешната јавност и беше позната по тоа што беше сопственичка на компанијата за онлајн трговија Групер, зазема нова висока позиција во друга компанија за онлајн трговија, со српски капитал.
Имемно, екс министерката на својот профил на бизнис мрежата Linkedin објави дека е пред нов возбудлив предизвик, односно дека е среќна што се приклучува на Ananas e-commerce, како менаџер за интернационален бизнис развој, или како што напишала INT Business Develomement Manager.
Како што е познато, Ananas e-commerce, е во сопственост на компанијата „Делта“ на српскиот бизнисмен Мирослав Мишковиќ.
Ananas e-commerce е основана во 2020 година во Белград.
„Нашата мисија е да ги поврземе купувачите и продавачите на сигурна онлајн платформа за купување. Со помош на иновациите и технологијата, ги бришеме границите и им го олеснуваме животот на луѓето“, велат од компанијата.
Како што напишале Ананас на својата веб страница, на прашањето зошто е избрано името Ананас, тие го даваат следниов одговор до своите клиенти.
„За нас поважното прашање е зошто треба да ја изберете нашата платформа, а има четири причини: широк асортиман на производи, брза испорака, безбедно плаќање и полесно враќање на стоката. Ananas e-commerce е сигурна платформа која ги поврзува купувачите и продавачите. Со модерна технологија и иновации, купувањето преку Ananas ќе стане синоним за едноставност, сигурност и достапност. Сите овие придобивки ги сумиравме во нашиот слоган: „Кликни! Бум! Трас!“, со цел накратко и јасно да се пренесе колку е едноставно и посебно купувањето преку нашата платформа.
За нас, клиентот е крал, и секое добро искуство со купување преку Интернет е голема работа за нас. Нашето патување започнува од Србија, преку Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора, Хрватска и Словенија. Твојот почнува од ananas.rs“, стои на нивната веб страница.
Нивните вредности, како што велат, се емпатија, критичко размислување, страст, а нивното мото е дека „клиентот е крал“.
„Задоволните клиенти се најдобрата награда за нашата работа и секогаш се во фокусот на нашиот бизнис. Сите најнови, намалени и актуелни производи се веќе на страницата и ние ги одбравме за вас!“, се вели во нивната објава.
Нина Ангеловска го наследи Драган Тевдовски на министерското столче во еден од најтешките ресори, Финансии, во септември 2019 година, каде што имаше тежок предизвик да се справува со предизвиците на државната каса, а потоа и со проблемите кои ги донесе ковид кризата.
Антикорупциската комисија го проблематизираше нејзиното повлекување на влогот од Еуростандард банка пред таа да пропадне, и пред таа да си замине од министерската позиција, но Обвинителството не најде таму кривично дело.
Откако си замина од министерската позиција, за Ангеловска беше објавена информација дека таа ја продала Групер на други сопственици.
Be the first to write a comment.