Во средата, ученик во ОУ „Владислав Рибникар“ во Врачар уби осум соученици и еден чувар, а тешко рани уште шест свои врсници и една наставничка по историја.
На влезот од училиштето прв бил убиен школскиот чувар Драган Влаховиќ. Неговото име не било на списокот за убиства на 13-годишниот Коста, а се верува дека е застрелан попатно и сосема случајно.
Извор за „Курир“ открива дека чичко Драган, како што го викале учениците, кобното утро кога влегол во школскиот двор забележал нешто чудно кај момчето и затоа го запрел штом влегло во училиштето. Според истиот извор, момчето најверојатно немало да го застрела доколку чуварот не му пришол.
„Наводно се вознемирил кога влегол во училиштето. Ранецот го носел пред себе, а не на грб. И тогаш чуварот го запрел за да го праша што не е во ред со него, бидејќи ги сакал сите ученици, сакал да разговара со нив и да ги праша кога ќе забележал дека некому нешто го мачи. Така било и овојпат“, раскажува изворот и додава дека Драган и осомниченото момче имале одличен меѓусебен однос.
По злосторството, ова го потврди и самото момче. Двајцата дури и приватно си разменувале пораки. Изворот понатаму наведува дека момчето, штом Драган го запрел, го извадил пиштолот и го застрелал, најверојатно затоа што му бил на патот кон крвавиот чин.
Be the first to write a comment.