Невистинити се гласините кои се проширија во Охрид дека поп пејачот Ѓоко Танески вчера ја искршил таблата над бугарскиот клуб ,,Цар Борис Трети” во Охрид.
Според извори од истрагата, кои откриваат детали за ,,Фокус” овие гласини најверојатно започнале на шега, бидејќи во Битола за оштетување на бугарскиот клуб беше обвинет поп пејачот Ламбе Алабаковски, па Танески како негов колега од Охрид непотребно се нашол во центарот на вниманието на охридската јавност.
Она кое започнало како еден вид на шега, на крај беспотребно се проширило низ градот, а многумина го сфатиле и сериозно.
-Тотални невистини се објавени на страницата на бугарската Фондација ,,Бугарска меморија” каде појаснуваат дека со секира им била искршена таблата, па присутните во клубот за среќа побегнале неповредени.
Се работи за земјоделска алатка со која била оштетена таблата, а не за секира. Лицето кое беше повикано на разговор во полицијата, како можен сторител е од Охрид, на 47-годишна возраст. По разговорот мажот беше пуштен дома, се истражува настанот и дополнително ќе се знае дали ќе следува поднесок против него, односно дали тој навистина го сторил делото.
Вистината е дека сторителот отишол пред клубот, ја удрил таблата со алатката и полека си заминал од местото на настанот. Ниту се случила вербална расправија со присутните во клубот, ниту пак имал намера да ги напаѓа на било кој начин.
Значи, само ја удрил таблата и смирено си тргнал од таму. Доколку некој разлутен со секира шетал низ градот и викал –Фашисти, како што од клубот го опишале настанот, секако дека веднаш ќе бил приведен – открива нашиот извор.
Од бугарската Фондација, чиј претседател Милен Врабевски е финансиер на клубовите во Битола и Охрид, остро го осудија настанот и информираа дека тој веднаш ќе ја плати настанатата штета.
На отворањето и на двата клубови, се одржаа протести и граѓаните отворено порачаа дека неприфатливо е да се дозволи клубовите да бидат именувани според контроверзни ликови чии имиња се поврзуваат со фашизмот.
Be the first to write a comment.