Фудбалерот на „Хатajспор“, кој повеќе од десет дена го бараа под урнатините, е пронајден мртов, објави „Хуриет“.

Оваа тажна вест прв ја соопшти неговиот агент Мурат Узунмехмет кој на „Твитер“ ја извести јавноста дека е пронајден мртов.

„Неговото безживотно тело е пронајдено. Неговите работи се’ уште се собираат, а пронајден е и неговиот телефон“, напиша Узунмехмет.

Кристијан Атсу исчезна по разорниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија и по него се трагаше уште од првиот ден.

Семејството и пријателите, како и спасувачите, чекале со денови и верувале во чудо дека може да преживее под урнатините на луксузната зграда од 11 ката, а како што одминувале деновите, надежта станувала сè помала.

На дванаесеттиот ден од потрагата надежта целосно исчезна – пронајдено е неговото безживотно тело.

Повеќе од 40.000 луѓе загинаа во земјотресите што ги погодија регионот на Турција и Сирија на 6 февруари.

Минатонеделните земјотреси со јачина од 7,8 и 7,6 степени беа со епицентар во Кахраманмараш и погодија уште девет провинции – Хатај, Газиантеп, Адијаман, Малатија, Адана, Дијарбакир, Килис, Османија и Шанлиурфа.

Повеќе од 13 милиони луѓе беа погодени од разорните земјотреси.