За пожарот во ковид-центарот во Тетово ќе одговараат надлежните во болницата, објави вечерва DW на македонски јазик.
Јавното Обвинителство подготвува кривични пријави за едно правно и три физички лица, по трагедијата во тетовската модуларна болница во која починаа 14 лица.
– Предистражната постапка за пожарот во модуларната болница во Тетово, во којшто животот го загубија 14 лица, одговорноста ја лоцираше во здравствената установа, како и во три одговорни лица во болницата, дознаваме од извори од државното Јавно обвинителство, објави DW.
Најавите се дека ќе бидат поднесени пријави против три физички и едно правно лице за трагедијата којашто се случи минатата година.
Осум месеци по несреќата, петмината обвинители коишто учествуваа во предистражната постапка реферираа пред Јавното обвинителство. Во текот на идната недела се очекува предметот да биде доставен до Судот во Тетово на понатамошна постапка. По завршувањето на истрагата ќе биде поднесена пријава.
Досега јавно беа обелоденети само детали од извештајот којшто го изготвија македонските крим-техничари кои на 10 октомври го доставија својот извештај до обвинителите коишто ја водат истрагата. Македонските крим-техничари утврдија дека пожарот во модуларната болница во Тетово настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабелна дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.
Ова беше единствениот конкретен податок којшто укажуваше која била иницијалната каписла за избувнувањето на пожарот. Неколку месеци подоцна својот извештај го доставија и германските експерти коишто вршеа вештачење во странски лаборатории. Деталите од документот не беа објавени во јавноста, но делови од него, според обвинителите, се поклопуваат со сознанијата на македонските крим-техничари.
Вечерта на 8 септември во тетовската модуларна болница за ковид-пациенти се случи една од најголемите трагедии во историјата на државата. Потврдена беше смртта на 14 лица кои биле директни жртви на огнената стихија. Најмалку 12 лица беа повредени.
Be the first to write a comment.