Наставничка во основно училиште во Неготино завчера пронашла пиштол-играчка кај ученик. Таа веднаш го информирала директорот на училиштето, кој пак го пријавил случајот во полиција.
Настанот се прочу низ градот и поради недостаток на официјални податоци, околу тоа за каков пиштол станува збор, предизвика вознемиреност кај граѓаните.
Од СВР Велес за ,,Фокус” потврдуваат дека станува збор за пиштол – играчка и информираат дека е извршен службен разговор во Центарот за социјални работи со ученикот, во присуство на родител.
-На 15.05.2023 во Полициската станица Неготино, директор на основно училиште во Неготино пријавил дека од наставничка кај еден ученик бил пронајден пиштол играчка. Во присуство на родител, во Центарот за социјални работи со малолетникот бил извршен службен разговор во кој изјавил дека пиштолот не е негов и го пронашол на игралиштето во училишниот двор, по што го земал да го најде и врати на детето кое го заборавило, а во меѓувреме го покажал и на соученик од неговиот клас-истакнаа од СВР Велес за ,,Фокус”.
По трагичните настани кои периодов се случија во Белград, беа пријавени повеќе случаи кога деца се обиделе да го ,,имитираат” 13-годишниот убиец, па правеле списоци со свои соученици, симулирале пукање, донеле пластични пиштоли во училиште, а беа регистрирани и случаи со носење на нож во училиште.
Во разговори со надлежните служби, речиси во сите случаи децата кажале дека само сакале да се пошегуваат.
Вчера во акција на полицијата се вршеше преглед на ученици во близина на училиштата со цел да се открие дали носат предмети на училиште кои се забранети со закон. Од МВР информираа дека акцијата била спроведена од шест до 10 часот наутро, а ваквите активности ќе продолжат и во наредните денови.
Be the first to write a comment.