Сите правци за снабдување и повлекување на украинската армија од Бахмут се во дометот на артилерискиот оган, изјави припадник на „Вагнер“.

„Успешно окупиравме еден рид, кота која беше стратешка за таа област. Од тоа место може да се види околината и сите пристапни патишта северно од Бахмут. Можеме да видиме дека тие пристапни патишта повеќе не може да се минуваат како што би салал непријателот“, изјави за Спутник член на „Вагнер“.

Како што додаде тој, силите на групата „Вагнер“ во моментов ја отсекуваат украинската армија од патиштата за снабдување од градот Часив Јар кај Артјомовск (украинско име – Бахмут).

„Артилеријата е постојано активна. Штом се забележи било какво движење, веднаш пукаат таму, мислам дека тоа им прави големи проблеми. Тие пукаат прецизно, но ниту противникот не се впушта во глупости – прават и други патишта, дополнително од оние на мапите“.

Како што додаде, времето не и помага на украинската армија.

„Времето влијае негативно, патиштата се калливи, тешката опрема тоне, се заглавува, а таму каде што застанува, почнуваат да се движат други, зошто станува одлична мета. Генерално, сите патишта до Бахмут се цел, рече борец на „Вагнер“.

Претходно основачот на групата „Вагнер“ Евгениј Пригожин објави дека борците на групата практично го опколиле Артјомовск и повика да се предадат.

Во исто време, дописникот на британската телевизија „Скај њуз“ Алекс Роси јавува дека ситуацијата во Артјомовск од ден на ден станува се потешка за украинските единици и дека наскоро ќе го предадат градот.

Зошто Бахмут е од големо стратешко значење?

И за украинските и за руските вооружени сили, Бахмут е од големо стратешко значење, вели Марина Мирон, научен соработник во Центарот за воена етика на Кралскиот колеџ во Лондон. Заземањето на градот би значело дополнително напредување на руските трупи – можеби во правец на Краматорск.

„Тие тогаш ќе контролираат важни патишта, ќе ги отсечат украинските сили и ќе им ја отежнат одбраната“, вели таа. Дополнително, тоа би го ослабнало моралот на украинските војници и исто така би предизвикало сомневање во способностите на украинските вооружени сили кај западните партнери.

На тоа укажува и германскиот полковник во пензија Ралф Тиле, поранешен вработен во приватната канцеларија на врховниот командант на НАТО. „И украинската страна во основа е принудена – вклучително и од нејзините западни партнери – да постигне успех. На некој начин, во јавноста мора постојано да се објаснува зошто ѝ се дава голема поддршка на Украина“, нагласува воениот експерт.

Тиле го нагласува и психолошкиот фактор поврзан со одбраната на Бахмут. „Луѓето мора на некој начин да бидат мотивирани за да истраат. Се разбира, тоа испраќа сигнал и низ цела Украина – за цивилното население, но и за војниците на други места“, вели воениот експерт, додавајќи дека големиот напор што двете страни го вложиле за освојување или одбрана на градот не е оправдан.

Мајк Мартин, истражувач на Кралскиот колеџ во Лондон, вели дека Русија е толку упорна во обидот да го заземе Бахмут бидејќи тоа е во согласност со воената цел на Путин за „ослободување на Донбас“. „Ако погледнете како одат патиштата и железничката мрежа, има два поголеми града западно од Бахмут кои сѐ уште се во Донбас, имено Славјанск и Краматорск. За да ги освои нив, што му е потребно за остварување на неговата стратешка цел, тој мора прво да го заземе Бахмут“, вели експертот.

Кој има поголеми шанси во битката?

Шансите на Украинците во борбата за Бахмут, според Ралф Тиле, се мали. Според него, руската војска речиси го опколила градот. „Постои мала лента, широка четири километри, која сè уште е слободно достапна за бегство, засилување или залихи. Но, четири километри не се ништо, а Русите лежат околу како потковица и се обидуваат да ги свиткаат заедно краевите на оваа потковица“, објаснува Тиле.

Покрај тоа, додава тој, Русите се супериорни во однос на Украинците во битката за Бахмут. „Ако ја погледнете целокупната ситуација, можете да видите повеќе предности на руската страна, како оклопни возила, тенкови, артилерија или авиони“, вели експертот. Украинците, од друга страна, ќе треба да чекаат да пристигне западната воена помош.

Што се однесува до оваа помош, Тиле не е голем оптимист: „Кога ќе видите дека цела Европа произведува помалку муниција за Украина за еден месец отколку што Русите пукаат за еден ден, тогаш можете да видите колку ќе биде тешко со поддршката. Темата тенкови е исто така исклучително тешка. Во јавната дискусија луѓето секогаш велеа: тенкови да, но тенковите мора да стигнат таму некако. Тие треба да се возат, но многу мостови не можат да ја издржат тежината. Значи, тешко е да стигнат дотаму. Ако некој тенк се расипе или му е потребна поправка, тоа не може да се прави на лице место, туку ќе мора да се вози повторно 900 километри назад, во Полска или Словачка.“