43-годишно лице од Кичево можеби е заразено од мајмунски сипаници. По 3 недели престој во Австрија, побарал лекарска помош кога се вратил. Од кичевската болница велат дека на одделението пристигнал во понеделникот со симптоми на изнемоштеност и видливи траги на кожата. Од првите прегледи на дежурниот лекар му било препорачано да остане во болница и да се тестира за мајмунски сипаници. Но, според тамошните власти, кичевчанецот побегнал и не го посетил ниту матичниот лекар, пишува Алсат.
„Овој пациент првично се пријавил кај матичниот лекар во понеделникот и веднаш бил упатен, иако имале тешка соработка со пациентот. Во моментов не можам да одговорам дали е примен на Инфективна клиника или не. Тој беше во нашата болница во понеделник-вторник и му беше укажано да оди на Инфективна клиника во Скопје, но не се појави во дежурната служба, па затоа потенцирам дека имавме тешка соработка со пациентот и не знам што друго да ви кажам во моментов”, изјави Станко Трпески, директор на болницата во Кичево.
Според здравствениот протокол, осомничениот заболен од мајмунски сипаници со возило на брза помош требало да биде пренесен на Инфективната клиника во Скопје. Подрачната болница нема средства за вакви испитувања, но директорот на Здравствениот дом во Кичево рече дека пациентот не се појавил ниту во Одделението за брза помош.
„Апсолутно не дошол да бара помош за транспорт или за лекување во Брзата помош, не. Го кажувам ова со одговорност. Службата што ја покривам нема таков пациент кој дошол кај нас да бара помош, немам други информации бидејќи не сум во Кичево”, рече Џабир Бајрами, директор на Здравствен дом Кичево.
Од Министерството за здравство велат дека на Инфективната клиника нема пациент суспектен за мајмунски сипаници. Оттаму соопштија дека има едно лице за кое постои сомневање дека е заразено и кому му е препорачано да се тестира. После тоа било побарано епидемиолошко истражување на неговите контакти.
„Во моментов се организира епидемиолошки тим за спроведување на епидемиолошко истражување. Досега не е доставен материјал за тестирање до Институтот за јавно здравје и нема потврдени случаи на мајмунски сипаници во земјава”, велат од Министерство за здравство.
Од Центарот за јавно здравје Битола, надлежни за тој регион, го повикуваат пациентот да се изолира и да соработува со локалните здравствени власти. Инаку, ширењето на заразна болест и загрозувањето на јавното здравје е казниво според Кривичниот законик со затвор до 3 години.
Be the first to write a comment.