Со аплауз беше поздравена ослободителната пресуда за тетовскиот доктор Бобан Вучевски, обвинет во случајот за пожарот во тетовската модуларна болница во кој загинаа 14 пациенти.
– Ослободителна пресуда за мене. Голема благодарност за сите роднини и пријатели кои целиот процес беа со мени и не дозволија да останам сам. Благодарност до адвокатскиот тим кој ме поддржуваше и ми даде сила да можеме да го спроведеме овој процес како што треба. Благодарност за правдата што излезе дека јас како доктор сум бил со вас, а сега уште повеќе ќе бидам со вас – изјави рече Вучевски, кој беше обвинет дека дозволил влез на роднини во болничките соби, иако тоа било забрането.
Двајцата директори Флорин Бесими и Артан Етеми добија условни пресуди. Тие беа обвинети за дела против општата сигурност. Осудени се на казна затвор од 1 година и 6 месеци условно, ако во период од три години не сторат ново кривично дело. Осудени се и да платат парична казна од 4 000 денари.
– Обвинетите, не поставиле пропишани уреди за заштита од пожар и со тоа предизвикале опасност за животот и телото за луѓето и пациентите болни со ковид-19. Тие не постапиле според мерките и активностите од договорот за заем со Светска банка. Иако биле должни да имаат противпожарна опрема, на денот на пуштање во употреба на модуларната болница па се до настанување на пожарот немале соодветни уреди за заштита од пожар – рече судијата во образложението на пресудата.
ЈЗУ Клиничка Болница Тетово е обвинета за загрозување на општата сигурност и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија и треба да плати милион денари отштета.
Судот ги упати оштетените да бараат отштета за покојните роднини во граѓански спорови.
Експерти од Германија утврдија дека причина за пожарот во модуларната ковид болница бил краток спој на продолжен кабел.
Be the first to write a comment.