Честопати може да се слушне фразата дека фудбалот е повеќе од игра, а денеска од Ријад стигнува и нова потврда за тоа.

Саудискиот крал Салман соопшти дека утрешниот ден го прогласува за национален празник и неработен за сите по големата победа на фудбалската репрезентација против Аргентина на Светското првенство во Катар.

Освен за работниците, со одлуката на саудскиот монарх се опфатени и учениците и студентите кои ќе бидат ослободени од нивните академски обврски.

Кралот Салман има 86 години. Роден е во главниот град Ријад и кралската титула ја носи од 2015 година.

По денешната победа на фудбалската репрезентација, дополнително се зголеми и интересот за Мундијалот во земјата, па авиокомпанијата „Саудиа“ најави зголемување на бројот на еднодневни летови кон Доха, каде Саудијците ќе може да ги гледаат останатите два меча на националниот тим во групата Ц против Полска (26 ноември) и против Мексико (30 ноември).