Случајот со силувањето на 11-годишното девојче на Косово од страна на пет монструми длабоко ја потресе јавноста во регионот. Вакво злосторство не се случило во регионот со години, а петминаta осомничени силувачи се зад решетки.
Првоосомничениот силувач, 26-годишниот Екрем Реџепи веќе им е познат на истражните органи и зад себе има долгогодишно досие.
Реџепи се појавува во базата на податоци на косовската полиција како осомничен за слични и други кривични дела. Против него, како што објави Коха, досега се поднесени дури девет обвиненија. Сепак, тоа очигледно не било доволно за да заврши во затвор.
Портпаролката на приштинското основно обвинителство Љаурета Уљај изјави дека во базата на Основното обвинителство во Приштина против тој 26 годишник се води кривична постапка за сторени кривични дела „тешка кражба“, „шумска кражба“ и „семејно насилство“.
Во сите тие случаи, додаде Уљај, обвинителот поднел обвиненија. Во Основниот суд во Приштина изјавија дека од 2019 година до јануари годинава против осомничениот биле донесени казнени решенија, а во одредени случаи и пропишани постапки против него.
Во мај 2019 година е осуден на една година затвор и парична казна од 400 евра за кривично дело кражба. Само четири месеци подоцна, судот го отфрли обвинението за „шумска кражба“ поради апсолутна застареност на случајот, јавува Косово онлајн.
Во декември 2020 година, истиот суд го прогласи осомничениот за виновен за семејно насилство, осудувајќи го на шест месеци затвор и парична казна од 300 евра. Тој не отиде во затвор, бидејќи казната беше условна.
Се бараат смртни казни за силувачите
Гневот на граѓаните на Косово не стивнува и по неколку дена од болното злосторство. Изминативе денови во Приштина се одржа голем протест, а голем број собрани луѓе бараа смртна казна за силувачите.
Јавноста во регионот се уште е потресена од случајот со силувањето на 11-годишното девојче. Да потсетиме, обвинителството во Приштина претходно објасни како се случил страшниот сексуален напад.
Додека малолетничката била во паркот, и пришле три лица, при што почнале вербално да ја малтретираат. Жртвата продолжила да оди, но потоа еден од осомничените почнал да ја допира.
„Потоа, како што раскажува жртвата, тие продолжиле да ја следат и еден од нив ја влечел по аголот каде што почнале да ја соблекуваат. Кога жртвата почнала да вреска, тие и ја покриле устата и ја силувале. Жртвата изјавила дека откако еден ќе запрел, друг продолжувал“, се наведува во описот на случајот што го подготви обвинителството.
Потоа, според неа, пристигнало возило „пикап“ со две лица кои седеле позади. Таа изјавила дека и возачот на автомобилот ја принудувал на секс.
Be the first to write a comment.