Македонија за првпат ќе воведе кривично дело „екоцид“, а обвинет сторител за ова дело ќе се соочи со затворска казна од 10 години до доживотен затвор, објави портало САКАМ ДА КАЖАМ.
„Тој што спротивно на прописите, со намера да предизвика штета на животната средина, ќе преземе дејствие или ќе пропушти да преземе дејствие поради кое ќе настане сериозна или широкораспространета или долготрајна штета на животната средина, ќе се казни со казна затвор од најмалку 10 години или со доживотен затвор“, стои во новиот Кривичен законик.
Главата 25 од предложениот Кривичен законик – Кривични дела против животната средина и природата изобилува со сериозни затворски казни за загадувачите, а докажувањето на загадување на воздухот, на водата, на почвата, природата, со новите измени се упростува.
„Досега проблем за инспекторите за животна средина, а понатаму и на органите на прогонот, беше да се докаже точно колкаво е загадувањето. Сега при откривањето и казнувањето ќе биде доволно да се утврди ‘загадување повеќе од дозволеното’, со што постапката се олеснува“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Министерството за правда, предлагачот на новиот КЗ.
На пример: Тој што испушта отровни или издувни гасови, материи или јонизирачко зрачење во воздухот, водата или почвата, во најмалку двојно поголемо количество од максимално дозволеното со закон или со меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот на Република Северна Македонија, ќе се казни со затвор од една година до три години“.
„Тој што испушта отровни или издувни гасови, материи или јонизирачко зрачење во воздухот, водата или почвата, во петкратно или поголемо количество од максимално дозволеното со закон или со меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот на Република Северна Македонија, ќе се казни со затвор од една до пет години“.
А тој што со овие дела ќе предизвика сериозна опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на растителен или животински свет во поголеми размери, или на ретки видови на растенија или животни, ќе се казни со затвор од три до десет години.
Ќе треба многу да внимаваат сопственици на фабрики, физички лица, сите.
„Службено или одговорно лице во компанија, фабрика, кое со непридржување кон прописите за заштита на животната средина ќе пропушти да постави уреди за пречистување или ќе дозволи изградба, пуштање во дејство или користење на погон кој ја загадува животната средина или на друг начин ќе пропушти преземање мерки за спречување или оневозможување на загадување на воздух, почва, вода или за спречување бучава, кои двојно ја надминуваат дозволената граница, ќе се казни со казна затвор од една до пет години“, се предвидува во новиот КЗ.
А службено или одговорно лице во правно лице кое со ова ќе предизвика сериозна опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на животинскиот и растителниот свет во поголеми размери, или на ретки видови на растенија или животни, ќе се казни со казна затвор од четири до десет години.
Не се мали казните ни за тие што влијаат на каков било начин за уништување на озонската обвивка.
„Тој што спротивно на прописите, произведува, увезува, извезува, пласира на пазарот или употребува недозволени супстанции кои ја осиромашуваат озонската обвивка, ќе се казни со парична казна или со затвор од три месеци до пет години“, стои во предлогот на Министерството за правда.
Ако делото е сторено од небрежност, сторителот ќе се казни со парична казна или затвор до една година.
Be the first to write a comment.