Почина проф. д-р Билјана Илиевска Попоска, специјалист пулмоалерголог. Нејзините студенти, колеги и пријатели преку социјалните мрежи се простуваат од неа.
„Македонија изгуби врвен лекар, професионалец од областа на интерната медицина и пулмологија, но пред се прекрасен човек.
Научивме многу од Вас професорке на што ќе Ви бидеме вечно благодарни.
Почивајте во мир Проф. Д-р Билјана Илиевска Попоска”, напишаа од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари АСМЛ.
Доктор Билјана Илиевска-Попоска е родена во 1960 година во Пробиштип, Македонија. Основно училиште како ученик на генерацијата и средно образование завршува во Скопје. На Медицинскиот факултет во Скопје се запишува во учебната 1979/1980 година и дипломира на 25.6.1985 година со просечен успех 9,1.
Уште како студент зема активно учество во научноистражувачката работа и со свои презентации учествува на два студентски конгреси во Црквеница и во Нови Сад.
На магистерски студии при Медицинскиот факултет во Скопје се запишува во учебната 1985/1986 година и ги завршува со просечен успех 9,6 и со одбрана на магистерскиот труд „Нивото на неурон специфичната енолаза, карцино-ембрионалниот антиген, ткивниот полипептиден антиген и карбохидратниот антиген 19.9 во серумот на болни со различни хистолошки типови на бронхијален карцином“ на 10.12.1991 година се стекнува со звањето магистер по медицински науки.
Попоска е автор на над седумдесет и коавтор на над шеесет научни трудови, со кои има учествувано и предавано на бројни меѓународни и национални пулмолошки симпозиуми, работилници и конгреси.
Во текот на својата кариера ја извршувала функцијата директор на Институтот за белодробни заболувања и била избрана за професор на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делечев“ во Штип.
Be the first to write a comment.