Мостот „Беласица“ дури година и половина би можел да биде надвор од функција, и тоа под услов веднаш почне да се работи на него – изјави за ТВ Сител деканот на Градежниот факултет Горан Марковски.
– Во најмала рака потребни се три до четири месеци интензивна и високостручна работа за да се утврди неговата моментална состојба. А, доколку се констатира дека е потребна негова санација, тогаш треба уште минимум половина година за да се изработи проект за санација, и после тоа да се изведе санацијата. Значи, треба доста време – вели професорот Марковски.
Проблемот е во тоа што за носивоста на мостот се задолжени челични кабли кои се сместени во внатрешноста на бетонската конструкција, кои се чувствителни на високи температури.
– Овие кабли ги губат своите карактеристики ако дојдат во контакт со висока температура. Оттаму, прво што треба да се утврди, а тоа не е нималку лесно, колкава била температурата во каблите во време на пожарот, па потоа да се констатира колкава е нивната носивост, дали е загрозена и колку е редуцирана. Па после тоа следат мерки за санација – појаснува професорот Марковски.
Мостот е затворен и за пешаци откако под него избувна пожар, за кој причините уште не се утврдени.
Be the first to write a comment.