Петгодишното момче Арас, кое беше пронајдено под урнатините 105 часа по разорниот земјотрес, имало телесна температура од 28 степени.

Спасувачките екипи го ослободија од урнатините на неговата куќа во разурнатиот од земјотресот град Кахраманмарас. Иако Арас преживеал, неговата седумгодишна сестра Хиранур не успеала, ниту неговиот деветгодишен брат Алп, а ни нивниот татко немал повеќе среќа.

До креветот на Арас седи неговиот дедо Мехмет, нежно допирајќи ја косата на својот внук. 72-годишникот вели дека за Арас ќе се грижи до крајот на животот како да му е син.

“Тој е чесно момче, има силна личност и е чесен. Не е разгалено. Спасувачите беа толку добри што го спасија и со Божја милост го вратија кај нас жив”, рекол дедото на Арас.

И мајката на Арас го преживеала разорниот земјотрес, но од кобниот настан не се виделе бидејќи таа се лекува во друга болница.

Животот на момчето бил спасен во одделението за интензивна нега што го поставиле израелски лекари. Не го спасија само него, туку и 65-годишниот Самир од Сирија, кој по шест студени ноќи беше извлечен од урнатините, поради што мораше да му бидат ампутирани двете нозе.

Тоа беше исцрпувачка и трауматична недела за лекарите во центарот на оваа катастрофа. Педијатарот Мехмет Џихан отпатувал од Истанбул најбрзо што можел за да им помогне на своите колеги во разурнатиот град.

“Многу е лошо. Премногу деца останаа без родители. Не знам, многу ми е тешко”, рекол докторот.