Два разорни земјотреси ги погодија Турција и северна Сирија, а беа почувствувани во целиот регион и во неколку околни земји.

За жал, подрачјето кое беше погодено од катастрофалните земјотреси во наредните денови ќе биде погодено од леден бран. Во наредните денови поголем дел од Турција ќе биде зафатен од леден бран со обилен снег и снежна бура.

Веќе утре снежно невреме ќе го зафати Истанбул, а веќе се откажани голем број летови. После тоа, ледениот бран ќе го зафати и југоисточниот дел на Турција, односно подрачјето погодено од земјотресите. Бидејќи се работи за планинско подрачје со над 1000 метри надморска височина се очекува изобилен снег, силен ветер и снежна бура.

Температурите во градовите ќе се спуштат под -10°С, а во руралните средини под -20°С. Временските (не)прилики дополнително ќе ја отежнат работата на спасувачките служби, а многу студеното време ќе трае со денови. Бидејќи илјадници луѓе останаа без покрив над главата, ледениот бран ќе го загрози и нивниот престој на отворено, или во шатори.

Студената воздушна маса ќе се спушти кон потоплите предели на Медитеранот и Сирија, па ова подрачје ќе биде зафатено од обилни врнежи од дожд и ниски температури, иако се карактеризира со многу благи и топли зими.