Секако не се очекува пациенти да купуваат терапија за себе, државата, т. е Клиниката треба да се грижи за навремено снабдување, но јас сум оптимист и очекувам да бидат надминати овие пречки, рече денеска министерот за здравство Беким Сали, по реакциите на oперирани од рак, како и пациенти со ретки болести дека со месеци се оставени без потребните терапии за нивните лекувања, а тоа се лекови што продолжуваат и спасуваат живот.

Одговарајќи на новинарско прашање до каде е набавката на лекови за пациентите од Онкологија, на денешниот настан за Светски ден на предвремено родени бебиња, министерот рече дека Клиниката треба да се грижи за пружање на здравствена услуга, особено имајќи во предвид дека се работи за онколошки пациенти кои се осетливи на терпијата која треба да биде дадена во континуитет.

„Тоа е една од причините зошто побарав оставка од претходниот директор. Со новата директорка сме во комуникација за надоместување на таа празнина и временски не можам да прецизирам бидејќи не сум вклучен во набавката на лековите, но сум оптимист и очекувам да бидат надминати овие пречки. Ретките болести се третираат со централна набавка, опремата е централизирана, а секако и инсулинот се купува централизирано, знаејќи дека мора да биде покриена цела држава и да нема пропуст. Сè уште нема одлука за централизирање на набавките“, рече Сали.