„Црвени ѓубриња“, „титоисти“, „србомански измет“ и „одродени Бугари“ се дел од квалификациите што бугарскиот европратеник и поранешен амбасадор во земјава (2001-2005 година) Александар Јорданов ги користи во својата објава на Фејсбук во која порачува дека за Северна Македонија нема место во Европската Унија.

Во постот Јорданов пишува за „скандалозното однесување на македонската гранична полиција на границата меѓу Бугарија и Северна Македонија, како и уште поодвратното однесување на македонската политичка елита и македонските граѓани во Скопје во врска со прославата на годишнината од раѓањето на националниот херој од Бугарија Гоце Делчев“

Во објава на Фејсбук, која изобилува со навреди и пцости за Македонците, квалификувајќи ги како „црвени ѓубриња“, „титоисти“, „србомански измет“ и „одродени Бугари“, бугарскиот европратеник и поранешен амбасадор во земјава (2001-2005 година) Александар Јорданов порачува дека за Северна Македонија нема место во Европската Унија. Јорданов е член на партијата Сојуз на демократски сили – СДС, која е во коалиција со ГЕРБ на Бојко Борисов, а во Европскиот парламент (ЕП) делува како член на Европската народна партија – ЕПП.

Неговата објава следува по вчерашите тензии на граничниот премин „Деве Баир“ кога, како што официјално соопшти македонското МВР, поради пад на системот, бугарски граѓани кои беа тргнати за Скопје да присуствуваат на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев, неколку часа стоеја во место.

Ова предизвика тензии и инцидент во кој неколку бугарски државјани со вербални навреди и недолично однесување викаа кон македонските полицајци, што резултираше со тројца приведени бугарски граѓани, а судот во Крива Паланка им изрече казна од 300 евра и забрана за влез во Македонија во траење од три години.

„Скандалозното однесување на македонската гранична полиција на границата меѓу Бугарија и Северна Македонија, како и уште поодвратното однесување на македонската политичка елита и македонските граѓани во Скопје во врска со прославата на годишнината од раѓањето на националниот херој од Бугарија Гоце Делчев, испраќа јасна порака: Република Северна Македонија нема место во Европската Унија“, напиша вчера Јорданов на својот фејсбук профил.

Според него, „уште еднаш стана јасно дека еден национален револуционер како Бугаринот Георги Делчев нема ништо заедничко со денешните Македонци кои се ‘копи-пејст’ на најодвратните комунисти од времето на Југославија“.

Јорданов, очигледно, по неговата оригинално пренесена објава на „Труд“ подоцна направил корекција на постот во делот каде што им порачува на Македонците дека се „србомански измет“.

Во уредениот пост на Фејсбук, фразата „србомански измет“ ја заменил со „србомани“, и напишал: „…зошто поведението ви е на србомани“.

Ова не е прва навредлива јавна порака на Александар Јорданов за Македонците. Неодамна тој припадниците на прилепскиот партизански одред што го крена востанието на 11 октомври 1941 година ги нарече терористи.