Навидум обични вагони, но во реалноста тивки убијци. Ги гледаат како големо железо што немо стои, не испушта звук и делува безопасно. Но пред неколку дена ова парче метал им покажа дека може сериозно да повреди или да убие човек. Настанот на пругата во скопско Маџари, кој за 17-годишната девојка беше само детска игра и обид да собере што повеќе лајкови на Тикток, покажа дека во реалноста работите се поинакви од социјалните мрежи.

Златко Ѓоргиевски е еден од оние што први пришле да ѝ помогнат на девојката, која со тешки изгореници барала помош лежејќи на вагонот висок повеќе од 4 метри. За МКД.мк тој раскажува дека сликата што ја видел наликувала на хорор-филм, а девојката ја спасиле тој, неколку соседи и минувачи, кои во ќебе ја фатиле кога се превртела од вагонот.

„Се слушна експлозија од железо, тап звук. Мислев дека некој фрла камења. Притрчав бидејќи тука живеам во близина и ја видов девојката легната на грб, беше во несвест. Дојдоа и пожарникарите , но немаше ниту душек, ниту корпа за да ја симнат. Сите што беа на местото чекаа да се исклучи струјата бидејќи беше опасно.

Девојката се подосвести и почна да вика дека има болки, да ѝ помогнеме, и ја побара другарка ѝ што беше со неа. Повредената девојка немаше контрола врз екстремитетите од изгорениците и ударот, па почна да се лизга од врвот од вагонот. Знаев дека немаме време за да чекаме да се исклучи струјата и моравме да реагираме. Донесов ќебе и го држев со уште неколку соседи и минувачи, а на девојката ѝ кажав да скокне. Беше високо, а таа не можеше да стане бидејќи едната нога ѝ беше зафатена со сериозни изгореници.

Но беше храбра и ѝ реков да се сврти и буквално да се стркала, а ние ќе ја фатиме во ќебето. Знаев дека беше опасно и за неа и за нас поради струјата, но и поради тоа како ќе падне и дали ќе успееме да ја фатиме, но едноставно немавме друг избор. Се сврте, се стркала и падна директно во ќебето. Беше многу повредена, но и многу храбра”, вели Ѓоргиевски во изјава за МКД.мк.

По ова лекарите од Итната медицинска помош веднаш ја ставиле во возилото, ѝ дале лекарска помош и била пренесена на КАРИЛ (Клиника за анестезија реанимација и интензивно лекување).

Херојот кого ни силниот напон од струја не го поколебал за да помогне и да спаси млад човечки живот, додава дека во цела таа тага, болка и страв кај девојката, успеал и да се пошегува. Вели дека кога лекарите ја зеле девојката со тешки изгореници, собрал сила и на шега ѝ кажал да му го врати ќебето кога ќе се опорави.

„Ѝ реков, да ми го вратиш ќебето кога ќе се опоравиш. Со таа реченица сакав да ѝ дадам надеж дека ќе биде добра иако, искрен да бидам, сликата од нејзините повреди беше страшна и никогаш нема да ја заборавам. Имам грижа на совест бидејќи бев меѓу првите што ѝ се доближија и посакувам да е добра. Лудост е да се качиш на вагон и да го ризикуваш животот за видео на социјалните мрежи, но се надевам ова ќе биде лекција за сите, и за родителите да внимаваат на своите деца, а и за децата да внимаваат на опасностите, бидејќи ништо не е поважно од животот”, додава спасувачот од Маџари.

Според МВР, на 27 ноември во 13.41 часот во СВР Скопје било пријавено дека на Железничка Станица-Маџари, над еден од вагоните, дошло до струен удар, при што повреди добила 17-годишна малолетничка. На лице место излегле полициски службеници, БППЗ и ИМП.

Малолетничката што го ризикуваше животот за видео на Тикток од КАРИЛ е префрлена на Одделот за пластична хирургија. Од таму за МКД.мк потврдија дека таа е во добра здравствена состојба, стабилна во сите витални параметри и надвор од животна опасност.

Оние што ја спасија побараа информација од нас дали може да ја посетат, но од болницата ни беше одговорено дека сѐ уште постојат ковид-протоколи и нема можност за посети.

Нашиот соговорник Ѓоргиевски вели дека се радува на информацијата дека девојката што ја спасил е добра и се пошегува и со нас, па ни даде обврска да пренесеме дека ќебето во кое ја пречекале за да ѝ го спасат животот може да го чува како спомен за никогаш повеќе да не ѝ текне да си го ризикува животот.

„Мило ми е што таа е добро. Со цело срце посакувам да се опорави комплетно. Еве не мора да ми го врати ќебето, нека го чува како сувенир, само нека биде добра”, вели со насмевка Ѓоргиевски по убавите вести за состојбата на девојката, која тогаш прв пат ја виде.